Информативен корнер за процесот на партиципативно буџетирање

Дата: 20.03.2019

Денеска, 20-ти март 2019 година, во просториите на општина Ѓорче Петров во организација на Центарот за управување со промени, беше отворено информативно катче за зголемување на свеста на локалното население за нивното вклучување во процесот на изготвување на буџетот на општинско ниво. Отварањето на ова катче е во рамки на активноста „Мои пари, моја одговорност: Партиципативно буџетирање во општините“ спроведувана од мрежата на граѓански организации ФИСКАСТ, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

На отворањето на информативното катче присуствуваа претставници на општина Ѓорче Петров и претставници на мрежата ФИСКАСТ, кои со заинтересираните граѓани дискутираа за начините за нивно вклучување во креирањето на локалниот буџет.

Весна Глигорова, претставник на мрежата ФИСКАСТ истакна: „Учеството на граѓаните во процесот на изготвување на буџетот на нивната општина е од важно значење за креирање буџет согласно потребите на локалната заедница. Целта на ова информативно катче е токму тоа: да ги запознае жителите на Ѓорче Петров со можностите за нивно учество во овој процес и да ги информира граѓаните за поврзаноста помеѓу трошењето на буџетските средства и квалитетот на живот во нивната општина.“

 

Проектот на УСАИД за граѓанско учество преку три-годишна соработка ја поддржа мрежата на граѓански организации ФИСКАСТ во процесот на подобрување на праксата и учеството на локалните засегнати страни во процесот на локално буџетирање и зголемување на ефикасноста на трошењето на општинските пари. За повеќе информации за ФИСКАСТ, посетете: http://www.fiscast.mk/.

ул. Рајко Жинзифов бр.44-1,
1000 Скопје, Македонија

Тел: +389 2 6092 216
Факс: +389 2 6092 216
e-mail: info@cup.org.mk