Кои се основните принципи на администрацијата во модерните демократии?

Дата: 07.07.2017

Основната задача и цел на јавната администрација е да биде сервис на граѓаните во процесот на остварувањето на нивните права.

За да се оствари основната задача и целта, вработените во јавната администрација следат одредени принципи во своето работење.

Публикацијата “Што треба да знаат и практикуваат вработените во јавната администрација?””, објавена од Центарот за управување со промени –ЦУП во рамките на проектот “Како до административна правда?”, ги посочува токму клучните принципи кон кои треба да се придржуваат вработените во јавната администрација.

1.Сигурност

Сигурноста најчесто се однесува на правната сигурност на работното место и создавање ус­лови за извршување на задачите и донесување соодветни одлуки предвидени со работното ме­сто.

Таа е практично еквивалент на владеењето на правото. Доколку јавниот службеник учествува на кој било начин во процесот на донесување одлуки, тој е должен, без оглед на различните можни влијанија или притисоци од страна на претпоставените, да инсистира на донесување одлука во согласност со законот и во корист на граѓанинот, како и да укаже на евентуалните обиди за незаконско донесување одлука.

2. Транспарентност и отвореност

Транспарентноста и отвореноста на администрација­та треба да овозможат достапност на правата на се­кој поединец, граѓанин или институција во однос на административните постапки на еден информиран и отворен начин.

Отвореноста и транспарентноста се неопходни инструменти за вла­деењето на правото, еднаквоста пред законот и одговорноста.

Општо правило е дека управувањето со јавната администрација треба да биде транспарентно и отворено. Само во одделни случаи работите треба да бидат тајни и доверливи, особено оние што имаат влијание врз националната безбедност или слични прашања.

3. Одговорност

Во јавната администрација, како и генерално во животот, одговорноста претставува оправданост на сопствените постапки пред другите, но, во најголем дел, одговорност пред себе и пред своите морални норми и на­чела. Преку одговорноста, како еден од суштинските принципи во работењето на јавната администрација, се обезбедуваат и другите вредности и принципи како што се ефикасност, ефективност, си­гурност и предвидливост на јавната администрација.

4. Ефикасност и ефективност

Ефикасноста, како принцип на кој се заснова работењето на јавната администрација, претставува постигнување на одредени цели и зада­чи со оглед на најдобрите можни ресурси кои ги има соодветната ин­ституција во однос на луѓе, средства за работа или финансиски средства.

Ефективноста, во основа, се состои од обезбедување ус­пешна имплементација на обврските на јавната ад­министрација во однос на расположивото време.

Одредени обврски подразбираат и соодветни рокови, како и соодветно предвидени или доволно брзи интер­венции за постигнување на целите и решавање на јавните проблеми.

ул. Рајко Жинзифов бр.44-1,
1000 Скопје, Македонија

Тел: +389 2 6092 216
Факс: +389 2 6092 216
e-mail: info@cup.org.mk