Нашиот тим
Анета Иванова Стојаноска
Проектен координатор
Анета Иванова Стојаноска е дипломиран правник со положен правосуден испит и моментално следи мастер студии од областа на административното право.
Анета има повеќе од 20 години работно искуство во јавниот сектор и како независен консултант за правни прашања од различни области како што се организациската поставеност на јавниот сектор, организација на правосдството, испорачувањето на јавни услуги, управување со човечки ресурси и слично.
Нејзината кариера како правник започнува во суд каде две години работи на кривична и граѓанска материја и дава поддршка во подготовка на документи од надлежност на судот (пресуди, решенија и сл.). Потоа преминува во централната јавна администрација на повеќе позиции. Најпрво пет години работи како соработник во Министерството за правда на различни анализи за состојбите во правосудството, работни групи за изготвување на закони и други прописи, како и член на Второстепената комисија за работни односи при Владата. Потоа, дванаесет години работи во Министерството за информатичко општество и администрација (сегашно Министерство за јавна администрација) како советник во сектор за поддршка на институциите од јавниот сектор, а потоа како раководител на одделението за имплементација на Законот за општата управна постапка и раководител на одделение за давање согласности на актите за внатрешна организација и систематизација на работните места во институциите од јавниот сектор. Во ова министерство извршува работни задачи поврзани со координација на процесите за спроведување на функционални анализи, дефинирање на организациските структури на институциите од јавниот сектор, давање поддршка на сите институции од јавниот сектор кои спроведуваат управни постапки преку конкретни насоки за примена на законот, спроведување на анализи за состојбите во областа на управните постапки и обуки за зајакнување на компетенциите на администрацијата во постапувањето по управни предмети.
Учествувала во подготовка на голем број закони, подзаконски акти и стратешки документи во областа на јавната администрација, односно јавни услуги и општа управна постапка, организациска поставеност на институциите, транспарентност и слично. Работела како консултант на проекти на меѓународни организации како што се Европската Унија, УНИЦЕФ, СИГМА-ОЕЦД и други, а во врска со давање поддршка на организациските процеси во институции од јавниот сектор на централно и локално ниво.
Во ЦУП работи на проекти од областа на јавната администрација и доброто управување, со посебен фокус на реформата на службеничкиот систем, зајакнување на компетенциите на јавната администрација и испораката на јавните услуги т.е. правичната примена на општата управна постапка.
Течно зборува англиски и италијански јазик, а воедно таа е овластен судски преведувач од италијански јазик на македонски јазик и обратно.
Област на интерес: Управно право и јавна администрација, службенички систем, право на јавно здравство, организациски системи, јавни услуги и општа управна постапка, правосудство.


