Дискреционите овластувања како потенцијален ризик од корупција | ЦУП
Сподели

Дискреционите овластувања како потенцијален ризик од корупција

Автор:

година: 2023

Предмет на овој извештај се дискреционите овластувања кои ги користат општините за субвенционирање и давање на друг облик на финансиска поддршка на граѓаните и правните лица на териториите на нивните општини, со додатна анализа на еден од облиците на дискреционо делење на финансиски средства од страна на општините за спортот, спортистите и спортските клубови. Во рамките на извештајот направена е анализа на законската рамка со која се уредуваат дискреционите овластувања, анализа на јавно достапните податоци од четири општини за средствата кои врз основа на дискреција годишно општините ги трошат дискреционо, како и анализа на правните акти со кои се практикуваат овие дискрециони овластувања и нивната усогласеност со законите.   

Методолошката рамка на истражувањето беше составена од неколку елементи, и тоа:
•    Анализа на теоретската рамка на дискреционите овластувања и нивната типологија;
•    Анализа на законската регулатива со која се регулираат дискреционите овластувања во РС Македонија;
•    Анализа на јавно достапните акти (програми, правилници, одлуки и сл.) на четири општини со кои тие ги практикуваат дискреционите овластувања во однос на обемот, како и во однос на нивната усогласеност со законската регулатива и 
•    Анализа на буџетите и другите акти во овие четири општини во однос на вкупниот износ на финансиски средства кои тие годишно ги трошат од општинските буџети дискреционо. 

Овој извештај  има за цел да  поттикне зајакнување на начелото на законитост во функционирањето на системот како целина и работењето на институциите од јавниот сектор.  Поради идентификуваните проблеми на граѓаните, овој извештај има за цел да предизвика отворање на широка јавна дискусија за дискреционите овластувања на администрацијата, согласно конкретните предлози за системски промени. Врз основа на следењето, прибирањето на податоците и анализата, овој извештај дава конкретни предлози за реформирање на системот за регулирање на дискреционите овластувања, во насока на превенција на коруптивни дејствија во јавниот сектор. Ваквото регулирање на дискреционите овластувања е неопходно заради заштита на правата на граѓаните и јавниот интерес на државата и јакнење на демократскиот карактер на институциите/општеството. 

Податоците и информациите прикажани во овој извештај се засноваат на анализата спроведена во одбраните институции и не значи дека во целост ги отсликуваат состојбите во сите институциите од сличен тип во јавниот сектор. Сепак, податоците и клучните наоди ги отсликуваат актуелните трендови и практики во управувањето со институциите и даваат прецизна слика за состојбите со употребата на дискреционите овластувања во поединечните области кои беа предмет на интерес на овој извештај.   

Предлог-насоките за постапување по дискреционите овластувања од страна на администрацијата, кои се дадени на крајот на овој извештај, имаат за цел да ја воспостават рамката за системско ограничување на широките дискрециони овластувања, што ќе овозможи зајакнување на правната сигурност на граѓаните и заштита од самоволието на институциите, како и поттикнување на реформа во зајакнувањето на контролните механизми за извршувањето на овие овластувања од страна на институциите. 

Преземи Погледни

Слични публикации

ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.34а,
1000 Скопје, Северна Македонија

Тел: +389 2 6092 216
e-mail: info@cup.org.mk