Функционалната анализа на патронажната дејност на територија на град Скопје овозможи бројни придобивки за институцијата која е надлежна за спроведување на услугите. Некои од најзначајните придобивки се: утврдување на соодветна организација и систематизација на работните места во институцијата потребна за остварување на надлежностите и стратешките приоритети, подобрување на ефективноста на институцијата, редуцирање или проширување на опфатот и големината на институцијата, проценка за потребните просторни, финансиски и човечки ресурси, елиминација на несуштинските функции, балансирање на структурната поставеност со функциите кои се извршуваат, како и овозможување на процес на креирање на организациска култура.
Целта на процесот на спроведување на функционална анализа на дејноста поливалентна патронажа која е организирана во рамките на Здравствениот дом – Скопје е да ги идентификува предизвиците од организациски и функционален аспект, кои го отежнуваат или попречуваат остварувањето на актуелните надлежности и задачи, но и оние предвидени со стратешките документи, како и да се предложат конкретни мерки за подобрување на исполнувањето на целите и задачите, насочени кон остварување на очекуваните резултати.
Функционалната анализа е спроведена во рамките на проектот „Подобрување на организациската структура на патронажната служба“ имплементиран од Центарот за управување со промени (ЦУП) како дел од пошироката програма “Ублажување на ефектите од КОВИД-19 врз животот на децата и родителите во Западен Балкан и Турција“ која се спроведува со финансиска помош од Европската Унија и со поддршка од УНИЦЕФ.
Ставовите изнесени во документот не го изразуваат официјалното мислење на Европската Унија и УНИЦЕФ.