Изработката на овој документ за јавни политики има за цел да ги анализира состојбите при водење и развој на бизниси основани и управувани од жени претприемачки за време на вонредната состојба предизвикана од пандемијата со Ковид-19. Посебен осврт даваме за состојбата на национално ниво на микро и малите претпријатија основани и управувани од жени претприемачки, потребата од владини политики и државна поддршка неопходни за нивно закрепнување.
Во документот се содржани меѓународни практики и анализа на влијанието на пандемијата и економските последици предизвикани од неа врз бизнисите основани и раководени од жени, како и шест предлози до креаторите на политики за кои сметаме дека е неопходно да се имплементираат во најкраток рок, со што би се забрзал растот и развојот на женското претприемништво. Од бројните анализи, извештаи, студии и публикации кои ги користевме при изработка на овој документ, увидовме потреба од преземање на посебни мерки за закрепнување и зајакнување на женското претприемништво. Постои суштинска потреба да се подобри положбата на жените претприемачи во државата, да се обезбеди полесен пристап до финансии и да се отворат нови бизнис-можности.