News
Научени лекции - Што ни покажа постапката за избор на член на Комисијата за дискриминација?
Date: 29.01.2026
На 10 декември 2025 година Собранието на Република Северна Македонија донесе Одлука за објавување јавен оглас за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД)[1] кој беше отворен 30 дена. Според извештајот на Комисијата за избори и именувања[2], на огласот се пријавиле вкупно 19 кандидати, а само 14 ги исполниле законските услови и биле поканети на јавна расправа во Собранието на 20.01.2026 година. На јавната расправа кандидатите имаа можност да се претстават и да одговорат на прашања од пратениците и претставниците на граѓанскиот сектор. После јавната расправа Комисијата за избори и именувања утврдува предлог одлука за избор на тројца од кандидираните 14 лица, која понатаму треба да биде усвоена на пленарна седница на Собранието.
Особено внимание на овој процес привлече излагањето на една кандидатката, која покажа основно непознавање на правната рамка за еднаквост и недискриминација, што е основа за функцијата за која претендира, а се најде како една од трите предложени кандидати за избор на член на КСЗД[3]. Веднаш после донесувањето на предлог одлуката, мислејќи дека е официјално избрана за член на КСЗД, кандидатката на социјалните мрежи јавно се заблагодари на една политичка партија. Ова само ја влоши реакцијата на јавноста и доведе до тоа кандидатката да се повлече од постапката и Собранието на 28.01.2026 избра само двајца членови на КСЗД[4].
Иако реакцијата на јавноста се однесуваше само на една кандидатка, дел од останатите кандидати исто така не покажаа соодветно ниво на стручност, што укажува на поголеми проблеми од поединечниот случај на еден кандидат. Поточно, можеме да ги идентификуваме следните клучни недостатоци и препораки:
- Недоволно прецизни критериуми и постапка за избор на членови во КСЗД. Во член 17 од Законот за спречување и заштита од дискриминација[5] е пропишано само дека кандидатот треба „да има стекнато 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование и има минимум седум години работно искуство од областа на човековите права од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација“. Ова е многу општ услов, кој треба да се допрецизира, со цел зајакнување на критериумите за избор на членовите на ова независно тело. Бидејќи големиот дел од кандидатите не демонстрираа сериозна стручност, сметаме дека треба да се воведи прелиминарно тестирање на знаењата и компетенциите во областа на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата и само оние кандидати кои што ќе го поминат ова тестирање ќе бидат повикани на јавната расправа. Со ова дополнително се зајакнува и постапката за избор на членови на КСЗД.
- Кандидатите не се бодуваат, не се изготвува ранг листа и нема соодветно образложение на предлог одлуката. Општите и нејасни услови и постапка за избор на членови на КСЗД не овозможуваат воспоставување на соодветно бодување и рангирање на пријавените кандидати. Заради ова нема јасен увид на најдобрите кандидати и остава широка дискреција на Собранието. Фактот дека нема ранг листа го слабее образложението и оправданоста на одлуката и ја зајакнува политичката дискреција на Собранието преку која пратениците може политички да влијаат врз институциите. За жал, Собранието има пракса да не дава соодветни образложенија на одлуките за именување на јавни функционери. Оваа пракса е спротивна на сите демократски вредности и мора да се смени заради овозможување на поголема отчетност на Собранието кон граѓаните.
- Јавната расправа се покажа како делумно ефикасен механизам за избор на најдобрите кандидати. Целта на јавните расправи е да се увиди стручноста на кандидатите и да се изберат најдобрите. За време на јавната расправа, прашања поставуваат пратеници и претставници на граѓанскиот сектор и таа се пренесува на собранискиот ТВ канал[6]. Од видео снимките може да се забележи дека секој кандидат добива различни прашања. Некои кандидати добиваа суштински прашања, кои даваат увиди во нивната стручност, а други кандидати добиваа споредни и несуштински прашања. Затоа, сметаме дека потребно е да има воедначени прашања, покрај останатите прашања од пратениците и претставниците на граѓанскиот сектор.
Но, мора да се истакне дека ваквите јавни сослушувања и нивното јавно прикажување се исклучително важни, бидејќи овозможуваат граѓански надзор врз работата на институциите. Токму заради притисокот од јавноста спорната кандидатка се повлече од постапката, а доколку не го стореше тоа најверојатно ќе беше избрана на пленарната седница на Собранието. Затоа, оваа пракса треба да се задржи и прошири во изборот на останатите јавни функционери кои ги избира Собранието, но со одредени подобрувања во постапката за да бидат ефикасни.
Адресирањето на овие три клучни предизвици и препораки ќе овозможи да се воспостави систем кој ќе ги афирмира најдобрите кандидати, ќе го зајакне граѓанскиот надзор и ќе ја ограничи дискрецијата на Собранието, со што тоа ќе се намали и политичкиот притисок врз институциите.
Потсетуваме дека КСЗД е самостоен и независен државен орган, чија функција е да врши контрола врз спроведувањето на принципот на еднаквост, вклучително и во работењето на јавниот сектор. Оттука, ова тело треба да биде стручно, а не политичко и заради тоа мора да бидат именувани стручни и компетентни лица, а не лица избрани по партиско-политички договор.
Овој текст е изработен во рамки на проектот „Поттикнување на добро управување и реформа на јавната администрација- трета фаза“, кој е спроведен од Центарот за управување со промени (ЦУП) и е поддржан од страна на National Endowment for Democracy (NED).
[1] Службен весник на Република Северна Македонија, бр. 247/2025
[2] Извештај од Комисија за избори и именувања Извештај - седница бр.37 на Комисија за прашања на изборите и именувањата одржана на 20.01.2026
[3] Предлог одлука за избор на членови на Комисија за спречување и заштита од дискриминација Scanned Image
[4] https://www.slobodenpecat.mk/sobranieto-izbra-dvajca-chlenovi-na-komisijata-za-sprechuvanje-diskriminacija-dzhihan-ahmed-se-povleche/
[5] Закон за спречување и заштита од дискриминација https://www.slvesnik.com.mk/Issues/d1cad95799fb48d19825ab843deefe09.pdf







