Повик до граѓански организации за учество во мрежа за подобрување на јавните услуги | ЦУП
Сподели

Повик до граѓански организации за учество во мрежа за подобрување на јавните услуги

Дата: 19.02.2018

Ги повикуваме заинтересираните граѓански организации да се приклучат во формирање на мрежа на граѓанското општество за подобрување на јавните услуги. Целта на мрежата е да изгради дијалог и соработка меѓу граѓанските организации и јавните институции за подобрување на јавните услуги, како и заедничко спроведување мерки од Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 во делот посветен на испорака на јавни услуги. Министерството за информатичко општество и администрација ја поддржа иницијативата и изрази подготвеност за соработка со мрежата на граѓански организации, согласно определбите на Владата за отвореност и инклузивност во креирањето на јавните политики.

На повикот може да се пријават заинтересирани граѓански организации кои имаат претходно искуство во активности поврзани со истражување, мониторинг или застапување за промени во јавната администрација, со фокус на испорака на јавните услуги во различни сектори. Предност ќе им се даде на организации кои доаѓаат од внатрешноста. Организациите кои ќе бидат избрани за учество во мрежата ќе имаат можност да ги зајакнат своите капацитети за граѓанска мобилизација, мониторинг, застапување и информирање на граѓаните во врска со испораката на јавните услуги, како и можност за развивање на идеи за иновативно ИТ решение за унапредување на работата на мрежата. Подетално, организациите ќе бидат дел од следните активности:

  • Две работилници, каде покрај граѓанските организации ќе учествуваат и претставници на државните институции;
  • Периодични консултативни средби на мрежата на граѓански организации;
  • Дебата за подобрување на испораката на јавните услуги;
  • Развој на иновативно ИТ решение како алатка за поддршка на работата на мрежата;
  • Промотивни активности во рамки на проектот.

Во рамки на работилниците ќе биде организиран натпревар за иновативно ИТ решение во сферата на јавните услуги. Врз основа на најдобрата идеја, која ќе биде избрана од организациите кои го спроведуваат проектот во соработка со членките на мрежата, ќе биде изработена алатка која ќе овозможи механизми за вклучување и информирање на граѓанските организации и граѓаните во врска со испораката на јавни услуги. Идеите може да бидат во форма на веб апликации или апликации за паметни телефони, а да се однесуваат на: обезбедување информации за испораката на јавните услуги, известувања за проблеми за пристапност и инклузивност во испораката на јавни услуги, следење на квалитетот и задоволството на корисниците, обезбедување граѓански простор за давање мислења за можни подобрувања во испораката на јавните услуги и други соодветни теми.

Заинтересираните организации треба да испратат:

  • Портфолио на организацијата со претходни проекти и активности во областа на јавната администрација и/или јавните услуги и
  • Номинација на едно лице кое ќе учествува во активностите предвидени во рамки на проектот со наведување на неговото/нејзиното искуство во областа на јавната администрација и/или јавните услуги.

Портфолиото на организацијата и номинацијата на едно лицe треба да се испратат на следните е-mail адреси: iskra.belcheva@cup.org.mk и todoroski@zenith.org.mk најдоцна до 02.03.2018 година.

Претставниците на организациите кои ќе бидат избрани за учество во мрежата ќе бидат информирани кон крајот на март 2018 година.

Овој повик е во рамки на проектот „Граѓански ориентиран пристап при испораката на јавни услуги“, финансиран од Европската унија, а спроведуван од Центарот за управување со промени (ЦУП) и Асоцијацијата за развојни иницијативи – Зенит. Целта на проектот е да се зајакне вклученоста на граѓанското општество во реформата на јавната администрација, со фокус на подобрување на системот на испорака на јавните услуги, што е предуслов за ефикасна и граѓански ориентирана јавна администрација.

ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.34а,
1000 Скопје, Северна Македонија

Тел: +389 2 6092 216
e-mail: info@cup.org.mk