Центарот за управување со промени учествуваше денеска на панел дискусијата на работилницата посветена на клучните предизвици на реформата на јавната администрација , организирана од мисијата на СИГМА врз основа на извештајот за нашата држава за минатата година.
Искра Белчева-Ристовска, проектен менаџер во ЦУП, говореше во делот кој се однесуваше на јавните услуги, презентирајќи ги наодите на истражувањата кои нашата организација ги има спроведено досега за оваа компонента од работата на јавната администрација.
Таа ги претстави и препораките на Центарот за управување со промени за подобрување на јавните услуги и ги информираше присутните дека во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, ЦУП работи на проект чија клучна цел е во нашата држава да се развие концептот на испорака на јавните услуги според потребите и барањата на граѓаните, а не според размислувањата на институциите кои ги испорачуваат услугите.
Конкретно, неопходно е да се определат мерки за подобрување на испораката на јавните услуги со намалени трошоци и административни обврски за граѓаните, но и за идентификување на основните услуги кои примарно треба да се унапредат и обезбедуваат на електронски начин.
Наодите на извештајот на СИГМА за Македонија, ги презентираше координаторот за нашата држава, Мирослава Боручка, додека мерките кои планираат да ги превземат институциите ги претставија министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Дата: 01.11.2024
Дата: 06.10.2024