Tематската дебата на тема: Извештаите на Европската комисија за владеење на правото во Република Северна Македонија – наоди и парламентарен надзор | ЦУП
Сподели
Новост

Tематската дебата на тема: Извештаите на Европската комисија за владеење на правото во Република Северна Македонија – наоди и парламентарен надзор

Дата: 24.11.2026

Владеењето на правото не е флоскула, тоа е темел на секое демократско општество, а Собранието има голема улога во гарантирање на овој демократски принцип.

Во текот на вчерашниот ден, во Собрание на Република Северна Македонија ја организиравме тематската дебата на тема: „Извештаите на Европската комисија за владеење на правото во Република Северна Македонија – наоди и парламентарен надзор“.

Настанот го отворија пратеникот и претседател на Комисијата за европски прашања Антонијо Милошоски и пратеникот и претседател на Националниот совет за евроинтеграции Венко Филипче, кои копретседаваа со тематската сесија.

Свое излагање на настанот имаа амбасадорот на Шведска во РСМ Ола Солсторм, амбасадорот на Швајцарија во РСМ Кристоф Сомер, директорката на UNOPS Михаела Тeлатин, директорката на ЦУП Неда Малеска Сачмароска и европратеникот и известувач за Северна Македонија во европскиот парламент Томас Вајц.

На настанот се дискутираше за тоа:

- Колку навистина напредувавме во исполнувањето на препораките на Европската комисија?

- Како наодите од извештаите за владеење на правото се преточија во конкретни институционални активности?

- Која е улогата на Собранието во следењето на овој процес?

Извршната директорка на ЦУП, Неда Малеска Сачмароска, ја презентираше Матрицата за следење на исполнувањето на препораките на ЕУ со конкретни индикатори, која ЦУП ја изработи по логиката што ја бара и Европскиот парламент во својата октомвриска резолуција: мерливи препораки, заеднички показатели и јасна одговорност.

Целта е оваа Матрица да стане алатка на Собранието, според која ќе го следи прогресот во областа и ќе ги повикува надлежните институции на отчетност и одговорност.

Законодавната гранка на државната власт не треба да чека извршната да ѝ каже што е направено и што треба да се направи. Таа однапред треба да бара, мери и повикува на одговорност. Истото го очекуваме и од нашето Собрание, а предложената Матрица ќе го овозможи токму тоа.

Во дискусијата на настанот се вклучија и правната експертка Ирена Бојаџиевска, пратениците Иванка Василевска и Сали Мурати и академик Владо Камбовски.

Преку дискусијата, учесниците ги разгледаа можностите за унапредување на парламентарниот надзор и зајакнување на институционалната одговорност во процесот на европска интеграција.

Проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, спроведуван од UNOPS North Macedonia (Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги) , е поддржан од Шведска и Швајцарија. Оваа активност е организирана во рамките на проектот „PAVE – Гласот на Собранието за Европа“, спроведуван од Центарот за управување со промени, како дел од шемата за грантови „Јакнење на јавната вклученост и комуникација на патот кон членство во ЕУ“, поддржана од Шведска. Содржината на оваа активност е исклучителна одговорност на Центарот за управување со промени и не мора нужно да ги одразува ставовите на Шведска, Швајцарија или UNOPS.