Центарот за управување со промени (ЦУП) ја одржа онлајн конференцијата „Дигитализација на услугите во областа на образованието“ на која свои обраќања имаа и министерката за образование и наука Мила Царовска, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, заменик амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Доминик Отвеј.
Дигитализацијата е приоритет во работењето на МОН, а соработката со ЦУП и Британската Амбасада е пример за брза и ефикасна дигитална трансформација на јавните услуги – истакна на почетокот на конференцијата, министерката Мила Царовска.
„Воведуваме можност за поголем број на онлајн услуги што е од интерес на секој граѓанин, а овозможува заштеда на време, но и заштита на здравјето особено во време на криза. На пример, нострифицирањето на дипломите може денес електронски да се заврши за еден ден, наместо да се чека по неколку месеци.“, потенцираше министерката Мила Царовска.
Според министерката неопходно е да се работи на подигање на свеста за новите услуги зашто постои недоверба во електронското користење, па голем дел од студентите сè уште доаѓаат во МОН за да бидат сигурни дека аплицирале и да подигнат архивски број.
Министерот за информатичко општество и јавна администрација, Јетон Шаќири посочи дека според денешното темпо на живеење, процесот на дигитализирање на услугите во образованието е обврска за јавните институции. Тој истакна дека националниот портал за e-услуги постојано се надоградува и со многу нови услуги од различни сфери.
„До крајот на јуни предвидуваме нови 30 услуги за граѓаните, од кои најголем дел МИОА ги подготвува во соработка со МВР, УЈП, како и Управата за водење на матични книги. Најавувам скорешна можност и за достапност на јавните услуги преку мобилните апликации, а ќе се дигитализираат и регистрите потребни за развој на овие услуги“, рече министерот Јетон Шаќири.
Министерот за информатичко општество смета дека Ковид-19 пандемијата во текот на минатава година придонела за зголемување на ИТ вештините, но и дека со заеднички сило мора уште повеќе да се вложува бидејќи процесот на дигитализација е важен за сите.
Заменик Амбасадорот на Обединетото Кралство, Доминик Отвеј како пример за важноста од воведување на дигиталните услуги и ја посочи оваа онлајн конференција која во услови на пандемија не би имало можност поинаку да се одржи.
„Воведувањето на дигитални јавни услуги овозможува подиректно поврзување меѓу министерствата и граѓаните, поголема ефикасност во давањето на јавните услуги, како и намалување на бирократизацијата, но и потенцијалот за корупција. Исто така, дигитализацијата претставува и поттик за иновација, а овозможува повеќе слободно и поквалитетно поминато време за секој човек“, рече заменик амбасадорот Отвеј.
88,8% од младите преферираат електронски, наспроти 11,2% кои избрале шалтерски услуги, покажа дел од истражувањето на ЦУП кое беше презентирано за време на конференцијата. Студентката Дена Сачмароска во име на групата студенти кои учествуваа во спроведувањето на ова истражување ги изнесе проблемите и предизвиците со кои академските граѓани се соочуваат при добивање на услуги на факултетите, како и можностите и решенијата кои ги нуди дигитализацијата со цел нивно надминување.
Професорот на ФИНКИ, Боро Јакимовски се надоврза на ова потенцирајќи дека презентираните резултати се најдобар доказ дека брзата и ефикасна трансформација кон дигиталното општество е неопходна.
„Потребна е стратегија, координација меѓу институциите, одредени законски измени и секако прилагодување на човечкиот потенцијал во рамките на институциите. Со еден збор клучна е соработката и менаџирање на отпорот кој се јавува кај дел од вработените во јавните институции, но и видлива синергија меѓу јавниот, приватниот сектор и академската заедница на оваа тема“, истакна професорот Јакимовски.
За потребата и позитивните ефекти од дигитализацијата на услугите во образованието на конференцијата говореше и вишиот советник за политики во СИГМА Каидо Пабуск, а спроведените резултати во рамки на проектот беа презентирани од страна на извршната директорка на ЦУП, Неда Малеска и програмскиот координатор во Центарот, Мартин Тодевски.
Каидо Пабуск од мисијата на СИГМА потенцираше дека во Македонија, но и во повеќето други земји прво се развиваат и применуваат дигитални услуги за бизнисите, а потоа и за сите останати. Сепак, според него потребно е овозможување на ефикасни дигитални услуги за сите, бидејќи не постои разлика дали услугите се наменети за правните или физички лица, земајќи предвид дека тие се засноваат на истите принципи.
„Не може да се обезбедат добри дигитални услуги ако нема добра дигитална инфраструктура, како и доколку граѓаните немаат пристап до онлајн уреди и интернет. Исто така, нема поента да се дигитализираат неефикасни услуги или процеси кои не се усогласени со потребите на граѓаните. Оваа Ковид-криза ни покажа дека дигитализацијата е нешто кое не можеме да го избегнеме и дигитализацијата станува еден од најголемите приоритети. Дигитализацијата сепак не може да покрие сè, особено во образованието и затоа е важно да се знае кој дел може да се дигитализира како што се на пример овие услуги што во рамки на Проектот на ЦУП се нудат.“, рече Пабуск.
Заштеда од дополнителни буџетски трошоци бидејќи сега веќе на едноставен начин од страна на вработените во МОН може да се објавуваат конкурсите и други јавни услуги – на овој начин Мартин Тодевски, програмски координатор во ЦУП, ги прикажа придобивките од функционирањето на ново изработената платформа на МОН за е-услуги. Се поедноставува и процесот на аплицирање, а преку креирање на свој профил секој апликант може да го следи текот на поднесените предмети и да добива нотификации. Исто така, како што информираа од Центарот, автоматската евалуација е нова можност која се очекува да ја забрза процедурата и да ја направи администрацијата поотпорна на притисоци и корупција.
Националниот сервис за е-услуги нуди вкупно 1.300 услуги, од кои на ниво на информирање се објавени 800 услуги, а практично за граѓаните се достапни 150 услуги и тоа со можност само да се аплицира во дигитална форма – покажа анализата на ЦУП. Искористеноста на овие дигитални услуги е многу мала бидејќи услугите не се целосно дигитализирани, посочи Неда Малеска, извршна директорка на ЦУП.
„Дигитализацијата е исклучително важна во и надвор од оваа криза, како и постојаното унапредување на дигиталната писменост кај секој граѓанин. Покрај во хартиена форма, сите јавни услуги треба да бидат достапни и во дигитална форма што води кон поголема искористеност на јавните услуги од страна на граѓаните, како и подобар квалитет. Продолжувањето со инвестиции во дигитализацијата несомнено води кон градење на поотпорно општество и силни можности за справување со корупција како дополнителен ефект во целокупниот процес. На крајот, многу важно, потребно е насочување на процесот на дигитализација кон младите. Апелирам до факултетите да се прилагодат на овие процеси со што ќе ги сведат на минимум административно-бирократски процеси и бариери со кои се соочуваат студентите“, сумираше извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска.
На конференцијата беа презентирани изработените електронски услуги за потребите на Министерството за образование како што се нострификација на дипломите од основно, средно и високо образование во странство, електронски уписи во основно училиште, аплицирање на конкурсите за стипендии, аплицирање за финансиска поддршка за реновирање на училишни објекти, а со изработениот позадински софтвер се овозможува и електронско водење и решавање на предметите од страна на комисиите во Министерството.
Услугите се изработени во рамки на проектот „Дигитализација во јавниот сектор во РСМ за непречено функционирање“, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје, а имплементиран од Центарот за управување со промени, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација.
Дата: 01.11.2024
Дата: 06.10.2024