Прв состанок на мрежата на граѓанските организации за подобрување на јавните услуги | ЦУП
Сподели

Прв состанок на мрежата на граѓанските организации за подобрување на јавните услуги

Дата: 28.03.2018

Во организација на Центарот на управување со промени и Асоцијацијата Зенит денеска се одржа првиот состанокот на мрежата на граѓански организации за подобрување на јавните услуги, дел од проектот “Граѓански ориентиран пристап при испорака на јавни услуги”.

Мартин Тодевски, проектен менаџер во Центарот за управување со промени, на почетокот на состанокот ги претставни клучните наоди од истражувањето кое ЦУП го спроведе кон крајот на 2016-та година а се однесуваше на главните јавни услуги кои се обезбедуваат за граѓаните и особено што би значело доколку овие услуги се обезбедуваат на електронски начин, како за граѓаните така и за институциите.

При тоа заклучокот на ова истражување е дека дигитализацијата на услугите е од корист и за граѓаните и за институциите бидејќи овозможува заштеда на средства, време и човечки ресурси но и овозможува побрзо и ажурно вршење на оние услуги со кои сите граѓани се соочуваат во текот на својот живот.

Александар Николов, извршен директор на асоцијацијата Зенит, се осврна на она што Европската Унија го бара од нашата држава во поглед на услугите.

Тој подвлече дека ЕУ го потенцира значењето на постојаниот дијалог на властите со граѓаните и граѓанските организации во врска со квалитетот на јавните услуги, при што нивните забелешки секогаш треба да се земаат предвид како начин за подобрување на овие услуги. Во тој контекст, неопходно е да се земе предвид и дека често и самите законските решенија кои ги регулираат услугите не се правени во консултација со граѓаните и содржат предлози кои не покажале задоволителни резултати. Истовремено, една од препораките на СИГМА е дека е неопходно да се редуцира на минимум бројот на информации и документи кои се бараат од граѓаните во постапката на испорака на одредена јавна услуга и да не се бараат од нив податоци и документи со кои веќе располагаат самите државни органи. Европската пракса сугерира и дека за секоја услуга треба да постојат повеќе канали и начини на кои таа може да се добие, односно на шалтер или во електронски формат.

Проектниот координатор од Зенит, Душко Тодороски, говореше за целите на формирањето на мрежата на граѓанските организации за јавни услуги, како што се зајакнување на капацитетите на овие организации, пристап до релевантни анализи за проблемот со јавните услуги но и активна можност за учество во процесот на подобрување на услугите, преку идеи и предлози.

Искра Белчева-Ристовска, проектен менаџер од ЦУП, потенцираше дека проектот “Граѓански ориентиран пристап при испорака на јавни услуги” треба да резултира со усвојување патоказ за подобрување на јавните услуги. Таа ги претстави и планираните активности кои ќе се спроведуваат во текот на проектот и ќе доведат до подобрување на јавните услуги.

Кратко се претставија и членките на мрежата со своите активности во областа на испорака на јавните улуги и реформата на јавната администраија. Тие посочија и повеќе интересни примери за евидентирани недоследности и проблеми при испораката на јавните услуги во средините во кои дејствуваат.

Состаноците на мрежата на граѓанските организации ќе продолжат и во наредниот период.

ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.34а,
1000 Скопје, Северна Македонија

Тел: +389 2 6092 216
e-mail: info@cup.org.mk