Владеењето на правото е основен принцип на секоја демократска држава, а еден од неговите составни елементи е правната сигурност, која подразбира дека граѓаните ќе бидат запознаени со правните правила на државата т.е. законите и другите подзаконски општи правни акти (општи правни прописи). Според листата на критериуми за владеење на правото (Rule of Law Checklist) издадена од Венецијанската Комисија[1], правната сигурност, како елемент на владеењето на правото, подразбира пристап до законодавството, односно ги поставува следните две прашања: Дали сите законски акти се објавуваат пред да стапат во сила? Дали се лесно достапни, на пр. бесплатно преку интернет и/или во службен билтен?[2]
Владеењето на правото е една од темелните вредности и на нашиот уставен поредок, согласно во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија[3].
Согласно член 52 став 2 и 3 од Уставот „законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Македонија најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.“
Службениот весник на Република Северна Македонија се издава во печатена и електронска форма. Веб страницата на Службениот весник[4] содржи преглед на сите изданија по години, меѓутоа пристапот е бесплатен само за изданијата од изминатите години, а за пристап до изданијата за тековната година потребна е претплата. За печатено издание годишната претплата изнесува 16.650 денари, а месечната рата изнесува 1.650 денари[5]. За електронско издание годишната претплата изнесува 7.000 денари по корисник[6].
Имајќи ги предвид стандардите поставени од страна на Венецијанската Комисија и уставните одредби, оваа состојба е целосно спротивна на принципот на владеење на правото и уставот. Граѓаните (физичките и правните лица) не треба да плаќаат ниту еден денар за да се запознаат со општите правните прописи на државата, а со тоа и за нивните права и обврски, бидејќи државата има обврска да ги запознае граѓаните со општите правни прописи!
За подетално уредување на објавувањето на општите правни прописи на државата, Собранието има донесено Закон за објавување на законите и другите прописи и акти во Службен весник на Република Северна Македонија[7] (Закон за објавување на општи правни прописи).
Според член 2 од Законот „објавувањето на законите и другите прописи, акти и издавањето на службеното гласило Службен весник на Република Северна Македонија е од јавен интерес“, а оваа дејност од јавен интерес според член 11 од истиот закон ги врши Јавното претпријатие Службен весник на Република Северна Македонија – Скопје.
Член 11 од Законот го проширува делокругот на ЈП Службен весник и пропишува дека „врши и издавачки работи (издавање на книги, збирки на прописи, списанија и други видови изданија), во печатена или електронска форма, издава/одржува база на прописи во Република Северна Македонија во електронска форма, организира и одржува едукативни семинари (советувањa), како и други работи утврдени со Статутот на претпријатието, ако вршењето на тие работи не го попречува издавањето на службеното гласило „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Според член 14 став 1 од Законот средствата за работа на ЈП се обезбедуваат од приходи од своето работење и тоа од:
- претплата, односно продажба на службеното гласило „Службен весник на Република Северна Македонија“ во печатена и електронска форма и на другите изданија кои ги издава Јавното претпријатие, во печатена и електронска форма,
- објавените акти, огласи, јавни повици, јавни конкурси, неважечки документи и други објави утврдени во членот 10 ставови 2 и 3 од овој закон,
- надоместоци за извршени услуги, приходи од базата на прописи во Република Северна Македонија во електронска форма и
- приходи од друга издавачка дејност во печатена или електронска форма, едукативни семинари и од други извори.
Член 14 дава основ за наплаќање на пристап до изданијата на службен весник, но не утврдува износ на претплата, ниту упатува со каков акт ќе се утврди овој износ. Во член 20 од законот е пропишано дека „надлежностите, организацијата и работењето на органите на Јавното претпријатие, како и други прашања од значење за работењето на Јавното претпријатие поблиску се утврдуваат со Статутот“. Па, претпоставуваме дека прашањето за утврдување на износот на претплатата е уредено со Статутот на ЈП. Меѓутоа, статутот на ЈП Службен весник не е објавен на нивната веб страница, што доволно зборува за нетранспарентноста на ова јавно претпријатие, иако основната цел на неговото постоењето и функционирање е токму општите правни прописи, како што е нивниот статут, да се направат јавни. Ниту пак формуларите за претплата[8], кои се објавени на веб страницата на Службениот весник не содржат основ по кој е утврдена претплатата.
Оваа состојба е целосно спротивна на владеењето на правото. Општите правни прописи на државата (законите и другите подзаконски општи правни акти) не смеат да се комерцијализираат. За нив не треба да се наплаќа ниту еден денар, бидејќи со нив се уредуваат општествените односи т.е. поведението на граѓаните и нивните права и обврски, заради што државата има обврска да ги запознае граѓаните со овие прописи.
Да сумираме - Како точно се повредува принципот на владеење на правото?
Со ограничувањето или условувањето на пристапот до тековните изданија на службениот весник, со претплата на одреден паричен износ, се повредува член 8 од Уставот со кој се утврдува владеењето на правото како уставна вредност и член 52 од Уставот со кој се утврдува обврската на државните органи да ги објавуваат правните прописи. Уставот не пропишува изречно дека пристапот до службениот весник е бесплатен, но тоа не значи дека овие уставни одредби треба да се интерпретираат во таа насока. Поточно, Законот за објавување на прописите треба да се интерпретира во светло на член 8 од Уставот, односно владеењето на правото и правната сигурност како негов составен елемент и аналогно на тоа целта која треба да биде постигната со член 52 став 2 и 3 од Уставот кој уредува објавување на општите прописи пред нивно влегување во сила. Целта на оваа уставна одредба е граѓаните да бидат запознаени со правните правила кои државата ги пропишува пред тие да стапат на сила и почнат да се применуваат, а тоа не може да се оствари со ограничување, односно условување со плаќање на претплата.
Уставот на Република Хрватска во член 90 содржи скоро идентични одредби како оние во член 52 од Уставот на РСМ, а кои се однесуваат на објавувањето на општите правни прописи на државата. Притоа, пристапот до Народниот весник на Република Хрватска (еквивалент на Службениот весник во РСМ) е бесплатен и лесно пристапен по електронски пат на нивната веб страница[9]. Ист е случајот и со Службениот весник (Uredni List) на Република Словенија[10]. Службениот весник на Сојузна Република Германија[11] и Република Франција[12] се бесплатни, а се наплаќаат само дополнителни услуги. За жал, ова не е случај со нашата држава.
Не може да зборуваме за владеење на правото кога граѓаните имаат ограничен, односно условен пристап до општите правни прописи на државата. Оваа апсурдна и неуставна состојба е индикативна за (ниската) правната и политичката култура во државата. Не може да се занемари впечатокот дека ЈП Службен весник има прогласено сопственост врз законите, кои впрочем се донесени од претставничкиот орган на граѓаните. Овој оксиморон сериозно ги загрозува владеењето на правото и правната сигурност во државата.
Оваа апсурдна состојба може да се коригира на неколку начини:
1) Доколку Собранието пристапи кон измени на Законот за објавување на општите правни прописи и уреди дека пристапот до службениот весник не се наплаќа.
2) Доколку ЈП Службен весник пристапи кон измена на сопствените подзаконските акти со кои се утврдени износите за претплата, така што во истите ќе биде утврдено дека пристапот до општите правни акти на државата ќе бидат бесплатни, додека за останатите услуги пропишани со член 14 од Законот за објавување на општите правни прописи (објавување на комерцијални изданија, одржување на обуки, советувања и сл.) може да ги наплаќа.
3) Доколку Уставниот суд поведе постапка и утврди неуставност на член 14 став 1 алинеја 1 од Законот за објавување на општите правни прописи.
[1] Rule of Law Checklist, European Commission for Democracy Through Law (Venice Commission), 2016 https://www.venice.coe.int/images/SITE%20IMAGES/Publications/Rule_of_Law_Check_List.pdf
[2] Ibid (стр. 25)
[3] Устав на Република Северна Македонија https://www.sobranie.mk/content/Odluki%20USTAV/UstavSRSM.pdf
[4] Веб страница на Службен весник на Република Северна Македонија https://www.slvesnik.com.mk/
[5] Формулар за претплата за печатено издание на Службен весник https://www.slvesnik.com.mk/content/pdf/Poracka_SLVesnik_Pecatena_Forma_2025.pdf
[6] Формулар за претплата за електронско издание на Службен весник https://www.slvesnik.com.mk/content/pdf/Poracka_Elektronsko_izdanie_2025.pdf
[7] Закон за објавување на законите и другите прописи и акти во службен весник на Република Северна Македонија, Службен весник на Република Македонија“ бр. 56/99 и 43/02 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 21/21 https://www.slvesnik.com.mk/content/pdf/Zakon_za_SLVesnik_precisten.pdf
[8] Формулар за претплата за печатено издание на Службен весник https://www.slvesnik.com.mk/content/pdf/Poracka_SLVesnik_Pecatena_Forma_2025.pdf , Формулар за претплата за електронско издание на Службен весник https://www.slvesnik.com.mk/content/pdf/Poracka_Elektronsko_izdanie_2025.pdf
[9] Веб страница на Народниот весник на Република Хрватска https://narodne-novine.nn.hr/search.aspx
[10] Веб страница на Uredni List на Република Словенија https://www.uradni-list.si/glasilo-uradni-list-rs
[11] Веб страница на Службениот весник на Сојузна Република Германија https://www.bundesanzeiger.de/pub/en/start?9
[12] Веб страница на Службениот весник на Република Франција https://www.legifrance.gouv.fr/