Шведското искуство со отворени податоци како инспирација за реформaта на јавната администрација | ЦУП
Сподели

Шведското искуство со отворени податоци како инспирација за реформaта на јавната администрација

Дата: 19.03.2018

Во рамките на проектот “Поддршка на процесот на реформи на јавната администрација”, Центарот за управување со промени, од 12-ти до 15-ти Март, реализираше работна посета на Шведска, како една од државите со најразвиен систем на отворени податоци, што е една од клучните компоненти на нашиот проект.

Во работната посета учествуваа тројца вработени од Министерството за информатичко општество и администрација, како и двајца членови на кабинетот на Претседателот на владата на Република Македонија, како и тричлена екипа од Центарот за управување со промени.

Во текот на престојот, делегацијата ја посети централната канцеларија на националниот Архив на оваа нордиска држава, каде што подетално беше информирана за политиката на отворени податоци во Шведска и клучните предизвици во отворањето на институциите кон јавноста.

Истовремено, беше остварена и посета на компанијата Metasolutions, која работи на шведскиот модел на отворени податоци, особено решенијата во поглед на таканаречените метаподатоци.

Го посетивме и седиштето на катастарот во Шведска, во Гавле, каде се запознавме со спроведувањето на концептот на отворени податои во оваа институција.

Една од политичките институции со високи стандарди на отворени податоци во Шведска, која се смета и за пример за целиот свет, е националниот Парламент. Во текот на разговорите во законодавниот дом на Шведска, македонската делегација детално се запозна со сите аспекти на отворените податоци од работата на шведскиот парламент и неговите членови, вклучувајќи ја и деталната отворена видео архива од обраќањата на пратениците низ годините за сите прашања од јавен интерес и закони усвоени од законодавниот дом.

Оваа работна посета на Шведска секако ќе послужи како директен поттик и инспирација за проектот кој ЦУП го спроведува во партнерство со МИОА и ќе бидат разгледани начините на кои ова искуство би можело да се инкорпорира во македонската стратегија за отворени податоци.

ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.34а,
1000 Скопје, Северна Македонија

Тел: +389 2 6092 216
e-mail: info@cup.org.mk