Стандардите за добро управување претставуваат насоки за единиците на локалната самоуправа, на аналоген начин како што „Начелата на јавната администрација“ поставуваат одредници за добро управување, односно за реформи во јавната администрација (на централно ниво). Стандардите за добро управување во единиците на локалната самоуправа ги определуваат принципите од кои треба да се водат единиците на локалната самоуправа во областите: развој и координација на политиките и стратегиите, управување со човечки ресурси, практикување транспарентност и отчетност, обезбедување услуги и управување со општинските финансии. Стандардите вклучуваат и методолошки анекс со поставени индикатори и утврдени постапки за мерење на резултатите по индикаторите.
Овој извештај се фокусира генерално на областа на развој и координација на политиките и стратегиите, како и областа на управување со човечки ресурси, врз основа на следење на локалните самоуправи од страна на граѓанските организации во периодот од јануари до мај 2018 година. Сумираните податоци во извештајот се однесуваат на сите осум региони во земјата: североисточен, источен, југозападен, југоисточен, пелагониски, полошки, вардарски и скопски регион.