Новости
Зајакнување на претставничката демократија преку дигитална алатка
Дата: 17.04.2026
Суштината на претставничката демократија не е само во тоа дека националните одлуки ќе се донесуваат на посреден начин, туку и дека пратениците како избрани претставници на граѓаните треба да ги застапуваат нивните интереси и да се борат за решавање на нивните проблеми. Таа врска помеѓу граѓанинот и пратеникот е клучна. За остварување на оваа цел изборите не се единствено, туку само почетно средство, а односот помеѓу пратениците и граѓаните треба да се гради континуирано во текот на мандатот на пратениците.
Политичката реалност покажува дека има нарушен однос помеѓу пратениците и граѓаните, односно помеѓу претставниците и претставените. Пратениците не се доволно присутни помеѓу граѓаните, а граѓаните пак во страв да не бидат етикетирани како припадници на некоја политичка партија избегнуваат директен контакт со пратеник за да истакнат потреба од решавање на одреден проблем.
Меѓутоа, овој проблем може да биде надминат со помош на современи дигитални решенија. Затоа, Центарот за управување со промени (ЦУП), во рамки на проектот „Програма за парламентарна поддршка“, а во соработка со Собранието на РС Македонија изработи интерактивна веб-платформа за канцелариите на пратениците за контакт со граѓаните https://kancelarii.sobranie.mk/, која претставува значаен чекор кон модернизација на начинот на кој овие канцеларии функционираат и комуницираат со граѓаните.
Целта на оваа платформа е:
- Да се олесни директната комуникација со пратениците, така што граѓаните ќе можат да поднесуваат информации, предлози и сугестии на конкретни теми.
- Да се стимулира граѓанското учество во работата на Собранието.
- Да се приближат пратениците до граѓаните.
- Да се зајакне видливоста на канцелариите и работата на пратениците и средбите кои ги остваруваат со граѓаните.
- Да се зајакне транспарентноста и отчетноста во работата на пратениците.
- Да се зајакне довербата во Собранието, како достапна институција каде граѓаните може да се обратат во секое време
Оваа платформа овозможува лесно и брзо закажување на средби
- Јасен преглед на пратениците, и нивните асистенти/ки нивни контакт информации и нивните канцеларии според општина и политичка партија.
- Дигитално закажување на средба со пратеник/ничка.
- Поголема секојдневна достапност на пратениците за контакт со граѓаните, а не само во петок, согласно Деловник за работа на Собрание
- Избор дали средбата да биде со физичко присуство или електронска средба.
- Наведување на причините за средбата.
- Поднесување на предлог иницијатива до канцеларијата на пратеникот.
- Преглед на статистиката за работата на канцелариите на пратениците во реално време, според број на средби, број на поднесени предлози/иницијативи, случаи по област и случаи по време.
Веб платформата https://kancelarii.sobranie.mk/ е активна од месец мај 2025 година и заклучно 16.04.2026 година, статистиката ги покажува следните податоци:
- Биле остварени 702 средби.
- Најголем број на средби биле организирани во месец септември 2025 година (116 средби).
- Биле формирани 920 случаи.
- Од формираните случаи, најголем број се однесуваат на областа работен однос и права од работен однос (250 случаи), потоа во областа на транспорт и инфраструктура (137 случаи) и животна средина (89 случаи)
- Биле поднесени 9 иницијативи.
- Биле организирани 372 настани.
- Платформата најчесто ја користат лица на возраст од 45-55 години, а после нив лица на возраст од 35-45 години.
Преку оваа веб платформа секој граѓанин може да стапи во контакт со пратениците и да разговара за решавање на одреден проблем. Исто така, оваа платформа може да биде ефикасна алатка за стратешко застапување на интересите група на граѓани пред Собранието, односно пратениците.
Ова може да го илустрираме преку примери. Различни општествени движења, независно дали формални или неформални, повикуваат на разни предлози за кои пратениците може да направат нешто. На пример, доколку се повикува на измена на закон, пратениците имаат директна надлежност да постапат. Понатаму, доколку се работи за измена на подзаконски акти или одговорност на орган на извршната власт, пратениците може преку механизмите за собраниска контрола и надзор да влијаат врз извршната власт по тоа прашање. Некогаш можеби е доволно само пратеник јавно да поддржи одредено движење или иницијатива заради подигнување на јавната свест, а преку оваа платформа полесно и побрзо може да се стапи во контакт.
Оттука, оваа платформа дава можност сериозно да се подобри квалитетот на претставничката демократија во државата, но сепак тоа ќе зависи од спремноста на граѓаните да ја користат.
Најнови новости
Презентација на докуемнти за јавни политики
Дата: 16.03.2026
Завршен настан на проектот „Y-O Model“
Дата: 23.02.2026







