На 24.06.2025 година во Скопје, Центарот за управување со промени (ЦУП) во соработка со Министерството за јавна администрација (МЈА) организираа конференција за одбележување на денот на јавните службеници и јавните служби.
Во рамки на конференцијата беа организирани две панел дискусии на темите „Модерен јавен сектор“ и „Управување кон резултати“, на кои претставници на јавниот и граѓанскиот сектор отворија суштински прашања во врска со зајакнување на работата на јавните служби и јавните службеници.
Настанот со поздравни обраќања го отворија Претседателот на Владата Христијан Мицковски, Министерот за јавна администрација Моран Минчев, Заменик претседателот на Влада задолжен за добро управување Арен Фетаи и Заменик амбасадорот на Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје Даниел Фиелер.
Првата панел дискусија „Модерен јавен сектор“ ја модерираше Есма Адиловиќ Фазлиќ, раководител на сектор за реформа во јавната администрација во МЈА. Заменик министерот за јавна администрација, Лазе Јакимоски, ги презентираше новините од четири клучни закони кои се во собраниска процедура, а директорката на Агенцијата за јавна администрација, Љубица Караманди, даде осврт на досегашните предизвици со кои се соочуваат институциите и кандидатите во постапките за вработување. Директорката на ЦУП, Неда Малеска Сачмароска, ја презентираше платформата odgovornavlada.mk преку која граѓаните и службениците може да се запознаат со ветувањата на Владата изразени преку мерливи индикатори, а директорот на второстепената комисија за одлучување во втор степен Илче Мушаревски ја истакна клучната улога на комисијата во гарантирање на доброто управување и заштита на правата на граѓаните од лошото работење на администрацијата. Последниот говорник за овој панел, Петер Ваги виш советник за политики на СИГМА, истакна дека државата мора повеќе да се фокусира на ефикасна имплементација на законите, а не само на нивно донесување и да вложи повеќе напори процесите на донесување на одлуки да бидат инклузивни, односно да се вклучуваат сите засегнати страни.
Втората панел дискусија „Управување кон резултати“ ја модерираше Ирена Бојаџиевска, истражувач во ЦУП. Директорот на ЈП Државни патишта, Коце Трајановски, ја истана потребата јавната служба да планира долгорочно и да конзистентно да ги имплементира плановите, за ефикасно да се задоволат потребите на граѓаните и да ја почувствуваат промената. Директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, истакна дека јавните службеници на локално ниво се првиот контакт на граѓаните со државата и дека заради тоа треба да се инвестира во нивните капацитети и проактивно да се соработува со централните власти. Државниот советник за стратешко планирање при Генералниот секретаријат на Влада, Сали Сали, ги презентираше новините на новиот Деловник за работа на Владата и новата Методологија за стратешко планирање кои беа изработени со поддршка од ЦУП. Државниот советник за поддршка на процесот на интеграција при Министерството за европски прашања, Христина Конеска, ги потсети присутните за важната улога на јавната администрација во процесот на европска интеграција на државата и одговорноста која ја имаат службениците во овој процес. Проектната координаторка во ЦУП, Бранка Коцевска, ги презентираше препораките од граѓанскиот сектор за подобрување на јавните служби со цел да испорачуваат повеќе и подобри услуги за граѓаните, а се однесуваат на подобрување на транспарентноста, појасно утврдување на мандатот на ресорните министерства, примена на мерливи индикатори за подобро следење на резултатите и воедно зајакнување на отчетноста кон граѓаните.
Конференцијата беше организирана во рамки на проектите „Преосмислување на управувањето“, кој е поддржан од Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје и проектот „Поттикнување на добро управување и реформа на јавната администрација“, кој е поддржан од National Endowment for Democracy (NED).