Во рамките на проектот „Развој на програма за имплементација на Националната стратегија за развој на енергетиката“ бевме дел од организацијата на конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“, која се одржа на онлајн платформата ZOOM. Целта на конференцијата беше да се промовираат активностите околу ревизијата на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и изработката на Програма за имплементација на стратегијата, и да се отвори дискусија околу владините приоритети и планираните мерки во наредниот среднорочен период, адресирајќи ја имплементацијата на т.н. „зелено сценарио“.
Конференцијата се организираше во две панел сесии. На првата сесија, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и советникот на премиерот за енергетика Виктор Андонов ги презентираа владините приоритети во областа на енергетиката. На оваа панел сесија амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Н.Е. Рејчел Галовеј, ја истакна поддршката на Британската амбасада за овој проект, но и за понатамошните реформски активности во областа на енергетиката.
На втората сесија земаа учество генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, извршниот директор на МЕР АД Скопје Барјам Реџепи, генералниот директор на МЕПСО Куштрим Рамадани, извршната директорка на невладината организација Еко-свест Ана Чоловиќ Лешоска, како и британскиот експерт за енергетика Дан Станиазек, на која дискутираа за предизвиците од имплементацијата на планираните реформи за „зеленото сценарио“ од Стратегијата за развој на енергетиката.
Конференцијата ја следеа повеќе од 100 учесници кои можеа да поставуваат прашања до панелистите.
На следниот линк може да ја прегледате снимката од конференцијата.
Конференцијата се организираше во рамките на проектот „Развој на програма за имплементација на Националната стратегија за развој на енергетиката“, финансиран од Британската амбасада Скопје преку Фондот за добро управување (GGF), со цел да се даде поддршка на Владата во ревизија на Стратегијата и изработка на Програма за имплементација на Стратегијата во наредниот петгодишен период. Проектот е управуван преку Technical Assistance Facility - Western Balkans (TAF-WB) предводен од компанијата Tetra Tech. Проектниот тим е предводен од Public Administration International од Лондон, во соработка со технички експерти од Македонската академија на науките и уметностите и Центарот за управување со промени.
Дата: 01.11.2024
Дата: 06.10.2024