 
						На 28.10.2025 година одржавме настан на кој дискутираме за визијата и модалитетите за воспоставување на Академијата за стручно усовршување и обука на државните службеници, заедно со претставници од централните институции и експерти од областа на јавната администрација
Настанот беше отворен со обраќања од страна на Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, Амбасадорот на Република Франција H,E. Christopher Le Rigoleur и извршната директорка на ЦУП Неда Малеска Сачмароска.
После поздравните обраќања, своја презентација имаа претставници од Генералниот директорат за администрација и државна служба на Франција (DGAFP), кои ги запознаа присутните со структурата на јавната администрација во Франција.
Првиот панел на тема „Меѓународни искуства и национални приоритети“, го модерираше програмската координаторка на ЦУП Искра Белчева Ристовска, а свои излагања имаа експерти од областа на јавната администрација и јавниот менаџмент, кои ги презентираа искуствата на повеќе држави во однос на моделот на обука на административни службеници. Во рамки на овој панел говореа Неда Малеска Сачмароска, Есма Адиловиќ Фалиќ, Jean-Michel Eymeri-Douzans и Наталија Шикова.
Проф. д-р Jean-Michel Eymeri-Douzans, од Scinces Po во Тулуз, ги сподели искуствата од францускиот систем за обука на државните службеници и истакна дека „потребен е добар систем на обука во јавниот сектор, особено за младите кадри да можат професионално да се развиваат и изградат во високо стручни лица кои ќе и служат на државата. Раководниот кадар исто така треба да следи обуки, за да се проверуваат и зајакнуваат нивните компетенции. Но, на крајот од денот клучна е културата, односно административна култура. Службениците треба да бидат свесни дека обуката е дел од нивниот личен развој и развојот на администрацијата.“
Проф. д-р Наталија Шикова, од Меѓународниот Балкански Универзитет во Скопје, на присутните им ги претстави различните системи за обука на државните службеници со посебен фокус на системите во Германија, Италија и Франција, а согласно споредбена анализа за модалитетите за воспоставување на Академија за стручно усовршување на административни службеници. Покрај споделувањето на искуствата од европските држави, во дискусијата проф. Шикова истакна дека „треба да се направи разлика помеѓу универзитетско знаење и стручната обука. Работата на Академијата треба да биде насочена кон компетенции и вештини, а не кон теорија. Секако треба да има теоретска основа, но практичните знаења треба да предничи и предавачите во Академијата не треба да бидат академски кадар, туку лица од пракса. Не треба обуките да бидат теоретски како на факултетите, а слушателите треба да добијат конкретни и практични вештини и знаења кои ќе им користат во работата.“
Д-р Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на ЦУП, ги презентираше подетално карактеристиките на британскиот модел за обука и стручно усовршување на административните службеници и фокус стави на потребата од следење на трендовите во дигиталната сфера, при што истакна дека „во една ваква нова и динамична реалност, јавната администрација ќе мора да се прилагоди и да конечно разбере дека институциите мора да негуваат културата на учење и да им овозможат на своите вработени да развиваат нови компетенции. Оттука, раководните структури да не гледаат на едукацијата, обуките и другите форми на учење единствено како на трошок, туку како инвестиција со највисок приход, инвестиција во иднината на државата.“
Есма Адиловиќ Фазлиќ, раководител на служба за реформа на јавната администрација во МЈА, се осврна на идните чекори кон воспоставување на Академијата и истакна дека „Ние веднаш нема да ги достигнеме британскиот и францускиот модел, но сме на добар пат и имаме добар почеток. Академијата има за цел да ги зајканува знаењата и компетенциите на административните службеници и следствено да создава кометентна јавна администрација во целина која ќе испорачува подобри резултати. Но, за ефикасно остварување на оваа цел клучни ќе бидат кадарот во Академијата и обучувачите. “
Вториот панел на тема „Искуства за начинот на функционирање на постоечките обуки за вработените во јавниот сектор“, го модерираше проектната координаторка на ЦУП Анета Иванова Стојаноска, а свои излагања имаа претставници од централни институции кои испорачуваат обуки за вработените во јавниот сектор во специфични области. Во рамки на овој панел говореа Александра Лулкоска, Рита Глигоријевска, Весна Новаковиќ, Габриела Маџоска и Агрон Меџити.
Учесниците на овој панел ги презентираа начините на кои тие во специфични области (јавни финансии, даноци, јавни набавки и родова еднаквост) организираат едукација на државните службеници, но и на поширока група луѓе. Анета Иванова Стојаноска, проектна координаторка во ЦУП, го заклучи овој панел потсетувајќи дека „системот на обука во јавниот сектор кај нас е дисперзиран во повеќе институции кои испорачување на обуки во специфични области. Со воспоставувањето на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници треба да се внимава да не настане преклопување во надлежностите и да се воспостави ефикасна соработка. Сепак Академијата треба да биде централно тело каде ќе се обучуваат административните службеници. “
После панел дискусиите присутните во три работни групи ги дискутираа можностите и предизвиците во однос на модалитетите за воспоставување на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници.
Резултатите од дискусијата ќе бидат земени предвид при изработката на подзаконските акти кои произлегуваат од Законот за Академија за стручно усовршување и обука на административните службеници.
Во наредните денови ќе споделиме повеќе детали од настанот.
Настанот е организиран во рамки на проектот „Поддршка за воспоставување на Академија за стручно усовршување и обука на административните службеници“, кој е спроведен во партнерство на Центарот за управување со промени (ЦУП) и Министерството за јавна администрација (МЈА), а кој е поддржан од Амбасадата на Република Франција.
Дата: 07.08.2025
Дата: 24.06.2025