Анализата на ЦУП за избрани и именувани лица како одлична основа за реформа на администрацијата | ЦУП
Сподели

Анализата на ЦУП за избрани и именувани лица како одлична основа за реформа на администрацијата

Дата: 10.05.2018

Центарот за управување со промени ја промовираше анализата за избрани и именувани лица, која беше изработена како дел од проектот “Следење на административната правда”.

На промоцијата и дебатата присуствуваа Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, државниот секретар во МИОА, Јахи Јахија, амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Гарет, како и повеќе експерти за јавна администрација и претставници на министерства , агенции и јавни институции.

Во своето поздравно обраќање, Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, оцени дека анализата на ЦУП е исклучително значајна за владата во нејзините обиди да ја спроведе реформата на јавната администрација.

“Јас администрацијата ја гледам како голем брод, танкер, кој плови во немирно море, но цело време во една иста, права линија. А тоа што ние треба да го направиме, е тој огромен брод да го свртиме да плови во друг правец ” – изјави Манчевски.

Тој додаде дека главната промена која треба да се направи е да се смени впечатокот на граѓаните за институциите, односно да се обезбедат подобри, побрзи, поефикасни и поефтини услуги за граѓаните преку процесот на дигитализација.

Амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Гарет, подвлече дека начинот на кој една држава го раководи својот јавен сектор, кажува многу важни работи за неа.

Демократија е најлошата форма на владеење, но подобра од сите останати – го цитираше британскиот амбасадор Винстон Черчил, додавајќи дека една од клучните вредности во вистинските демократии е силниот јавен сектор.

Професорот Драган Гоцевски и извршниот директор на ЦУП , Неда Малеска Сачмароска, подетално ги преставија резултатите од анализата за избраните и именувани лица, фокусирајќи се на дел од најинтересните податоци до кои дошле авторите во поглед на управните и надзорни одбори. Тоа пред се однесуваше на нивниот состав, бројност, средствата кои се издвојуваат од буџетот секоја година за членовите на одборите, но и посуштествените прашања за ефикасноста и ефективноста во нивната работа и како таа може да се подобри.

Обраќањата на Малеска-Сачмароска и Гоцевски предизвикаа интерес кај присутните кои земаа учество во дебатата, додека свои обраќања имаа и консултантите Гордан Георгиев и Југослав Ѓоргиевски.

Проектниот менаџер во ЦУП, Мартин Тодевски, ја претстави дата базата со податоци за избраните и именувани лица , која со посветена и фокусирана работа ја состави тимот од Центарот за управување со промени, додавајќи дека врз основа на оваа корисна база на податоци ќе биде изработена и веб-алатка.

ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.34а,
1000 Скопје, Северна Македонија

Тел: +389 2 6092 216
e-mail: info@cup.org.mk