Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со Центарот за управување со промени, во рамките на проектот „Поддршка на процесот на реформи во јавната администрација“, финансиран од Британската амбасада во Скопје, организираше работилница на работната група за изработка на Национална стратегија за отворени податоци.
Основната цел на оваа страгетија е подобрување на транспарентноста и отчетноста на државните институции преку подобрување на политиките за отворени податоци.
Во работната група членуваат претставници на државни институции, невладиниот, приватниот и академскиот сектор, а ангажирани се и локални експерти.
Во процесот на изработка на стратегијата за отворени податоци е вклучен и реномиран меѓународен експерт од Велика Британија, г-дин Ендру Стот, како еден од пионерите во областа на отворени податоци.
На работилницата се разгледуваа клучните елементи на стратешкиот документ, како што се визијата на стратегијата, главните цели, проблемите во областа на отворени податоци, како и главните мерки и активности кои треба да се имплементираат.
Стратегијата треба да ја дефинира основната стратешка насока за развој на околината за отворени податоци, вклучувајќи го процесот на идентификување на податоците во рамките на институциите врз основа на критериуми за селектирање на податоци и информации кои може да се објават во отворен формат, процесот на дигитализација на хартиените податоци, подобрување на централниот владин портал за отворени податоци, унапредување на процесот на објавување на податоци на централниот портал од страна на државните институции и стимулирање повисок степен на користење на отворените владини податоци.
Дата: 01.11.2024
Дата: 06.10.2024