“Имам големо искуство со криминалците” – со овие зборови ја започна своjата презентација утринава реномираниот романски истражувачки новинар, Паул Раду, кој како извршен директор на проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) повеќе од 15 години открива финансиски злоупотреби и коруптивни скандали од меѓународни размери.
На покана од Центарот за управување со промени и Институтот за човекови права, Раду ја спроведе обуката за интегритет и професионални стандарди во истражувачкото новинарство, како дел од проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“, финансиран од Европската Унија и ко-финансиран од Британска амбасада во Скопје.
Обуката ја следеше еклектична публика составена од студенти по новинарство, новинари, истражувачки новинари и претставници на невладиниот сектор, што според Раду ја претставува иднината на истражувачкото новинарство.
Својата презентација, Паул Раду ја подели во два дела.
Во првиот дел се фокусираше на тоа како криминалните организации ја вршат својата активност и на кој начин се обидуваат да ги сокријат незаконски стекнатите средства, додека вториот дел беше посветен на процесот на истражување на овие активности.
Работата на истражувачките новинари, вели Раду, треба да биде насочена кон тоа да се открие и докаже процесот на перење на пари кој го спроведуваат криминалните здруженија но уште поважно е да биде откриен идентитетот на сите луѓе инволвирани во овие процеси.
Најважен резултат од работата на истражувачките новинари е да ги спречат криминалните организации да ја вршат својата работа без опасност да бидат откриени, посочи Раду, додавајќи дека од клучно значење е новинарите да работат координирано и да ги користат веќе постоечките мрежи на новинари и организации кои ги истражуваат организираниот криминал и корупцијата.
“Криминалот не познава граници, новинарите истражувачи мора да го направат истото” – потенцираше Раду.
Дата: 01.11.2024
Дата: 06.10.2024