Пред раководството на Собранието и координаторите на пратеничките групи беше презентиран Извештајот од проценката на влијанието на регулативата (ПВР) и рамката за унапредена работа на Собранискиот канал. Овој извештај ги идентификува предизвиците во работењето на Собранискиот канал и аргументира главни сценарија кои може да се следат за реформирањето на каналот.
Утврдивме дека главната цел во реформата треба да се насочи кон зголемување на транспарентноста и отчетноста на работата на Собранието преку поквалитетни снимки од седниците на Собранието, поразновидна и поквалитетна програмска понуда надвор од преносите и снимките и навремено информирање за програмата на Собранискиот канал.
Клучен сегмент во подобрување на транспарентноста и пристапот до содржини е инвестирањето во дигитализацијата на каналот. Токму затоа, беше предложено да се развие интернет телевизијата и достапност на видеа „на барање“ (on demand), со што ќе се овозможи полесна достапност на видеа од говори, категоризирани по говорник, пратеничка група, дата, седница и сл.
Инвестирањето во човечки и финансиски ресурси е значајно за подобра програмска понуда на Собранискиот канал, како што се покривање на меѓународни активности и парламентарни средби, свечени пригоди, конференции или културни настани кои се случуваат во Собранието, разни едукативни програми, преноси од Европскиот парламент или од дебатите на Генералното собрание на Обединетите Нации итн.
Извештајот беше изработен во рамките на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), која е поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Швајцарска Амбасада во Република Северна Македонија. ПСП се спроведува од Националниот демократски институт (НДИ), Центарот за управување со промени (ЦУП) и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје. Во изработката на извештајот беше вклучена работна група со претставници од Собранието на Република Северна Македонија, МРТ, Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, НДИ и ЦУП. Извештајот во име на работната група го презентираа Неда Малеска Сачмароска и Мартин Тодевски од ЦУП, кои беа и модератори на групата.
Дата: 01.11.2024
Дата: 06.10.2024