Во организација на Министерството за информатичко општество и администрација, вчера се одржа работилница на која беше презентиран прирачникот „Практични прашања и одговори за примена на Законот за општата управна постапка (ЗОУП)“.
Извршниот директор на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска, ја модерираше расправата на работилницата која се одржа во соработка и со мисијата на СИГМА, чии стандарди на добро управување се имплементираат и преку Законот за општата управна постапка.
Неда Малеска Сачмароска истовремено е и уредник на објавениот прирачник, кој беше подготвен од адвокатот и експерт по управно право, Жарко Хаџи Зафиров и државниот советник во МИОА, Југослав Ѓеоргиевски.
На расправата беше потенцирано дека потребата од објавувањето на ваквиот прирачник произлегува од фактот дека и покрај тоа што новиот Закон за општа управна постапка имаше за цел да обезбеди поефикасни, поедноставни и побрзи управни постапки со помали административни трошоци, во неговата досегашна примена се воочени голем број предизвици.
Билјана Николовска-Жагар, државен советник во МИОА, ги подвлече заложбите на министерството за надминување на проблемите со имплементација на ЗОУП, со посебен акцент на активностите што ќе бидат превземени за успешна примена на законот, особено од аспект на комуникација на органите кои одлучуваат во управната постапка по електронски пат.
Хавиер Систернас, постар советник во правната служба на СИГМА, порача дека иако станува збор за закон што го применуваат институциите, неговата успешна примена е во интерес на граѓаните.
„Со ЗОУП треба да се направат радикални промени во начинот на размислување и дејствување на администрацијата, но и на граѓаните. Затоа е важна имплементацијата на законот “, истакна Систернас.
Прашањата и одговорите сместени во прирачникот ги презентираше еден од неговите автори, Жарко Хаџи-Зафиров, кој ги повика присутните да даваат свои предлози, забелешки и дополнувања.
По интеграција на овие забелешки во текстот на прирачникот, се очекува тој наскоро да биде и објавен.
Заклучокот од оваа работилница беше дека и во наредниот период членовите на работната група ќе одржуваат работни средби, од коишто ќе произлезат конструктивни предлози како за прашалникот, така и за измени и дополнувања на ЗОУП.
Дата: 26.08.2024
Дата: 26.04.2024