Промотивен настан | ЦУП
Сподели

Промотивен настан

Дата: 02.12.2014

Промотивниот настан за презентација на наодите од истражувањето кое се спроведе во рамките на проектот “Поголема партиципација – помала можност за корупција” се одржа на 2 декември 2014 година во Информативниот центар на Европската Унија. Настанот имаше за цел да побуди интерес и да отвори дебата за механизмите и за начините на кои ќе се зајакне транспарентноста при одлучувањето на локално ниво, и ќе се зголеми учеството на граѓаните во процесот на носење одлуки. Покрај претставникот на „Граѓанската мрежа за спречување конфликт на интереси во јавната администрација“, на настанот учество зедоа и претставници на владини институции и ЗЕЛС, а беше и презентиран и документот за политики – резултат на повеќемесечното истражување што се спроведе во неколку општини во Скопје.

Резултатите од ова истражувањето би требало да ја поттикнат граѓанската свест за важноста од воспоставување добри практики за зголемена партиципација на граѓаните во процесите на носење на одлуки како и во управувањето со јавните финансии на локално ниво. Тоа е и првичниот услов за намалена корупција, а е воспоставен врз протоколи, процедури и правила за подобрена партиципација во процесите на креирање политики и следење на буџетите на локално ниво, како и за контрола врз евентуалната корупција, судирот на интереси и непотизмот кај вршителите на јавни функции.

На настанот се говореше за слични практики и искуства во Кралството на Велика Британија и Северна Ирска, кои беа предмет на компаративна анализа.

Документ за политики

Поголема партиципација, помала можност за корупција

Документот за политики е резултат на истражување што неколку месеци се спроведуваше во пет скопски општини (Општина Центар - Скопје, Општина Карпош, Општина Гази Баба, Општина Аеродром и Општина Чаир), како урбани јадра во кои можеше да се претпостави повисоката свесност за улогата и за значењето на граѓанската вклученост во процесот на носење одлуки, како и постоење воспоставени практики на финансиски отчет. Целта на истражувањето беше да ги детектира добрите практики, но и да посочи на недостатоците во однос на процесот на партиципацијата на граѓаните на општинско ниво, како и да утврди постоење можност за финансиска контрола на граѓаните врз актите на општината. Паралелно, наодите беа споредени со практиките на земјите членки на Европската Унија, со посебен осврт на Кралството на Велика Британија и Северна Ирска, а укажаа на сфера за работа врз која, во иднина, треба да се насочи фокусот на интерес. Прв чекор несомнено е отворена и конструктивна дебата за механизмите и за начините на зајакнување на транспарентноста на локално ниво, со што би се поттикнало зголемено учество на граѓаните во процесот на носење одлуки. Наодите се индикативни и не се однесуваат само на испитаните општини. Испитаните општини се само примерок врз коj се тестираше методологијата. Препораките се општо применливи и важат за сите локални самоуправи во Република Македонија, но и корисни се за сите институции што креираат и носат јавни политики.

 

ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.34а,
1000 Скопје, Северна Македонија

Тел: +389 2 6092 216
e-mail: info@cup.org.mk