Јавна расправа за Законот за високи раководители во Собранието на Република Северна Македонија | ЦУП
Сподели
Новост

Јавна расправа за Законот за високи раководители во Собранието на Република Северна Македонија

Дата: 19.02.2026

На 18.02.2026 година, во Собранието на Република Северна Македонија беше организирана јавна расправа во врска со нацрт Законот за високи раководители на органите на државната управа и фондовите, на која пратеници, претставници од академски и граѓански сектор имаа можност да ги изнесат своите ставови, мислења, критики и препораки за предлог законот.

На оваа јавна расправа свое излагање имаше и програмската координаторка на ЦУП, Искра Белчева Ристовска, која ги истакна следните елементи на предлог законот:

  • Прво, со законот се воспоставуваат конкретна постапка и чекори за избор и именување на лица на овие раководни позиции, е уште поважно е дека постапката се заснова на проверка на компетенциите на кандидатите. Во овој предлог закон прв пат гледаме системски пристап во уредувањето на постапката за именување на високите раководни лица, бидејќи утврдува минимум стандарди/критериуми кои не може да бидат намалени со посебни закони, за разлика од сегашниот модел на фрагментирано уредување на овие постапки во различни закони, што доведе до намалување на стручноста на институциите и зголемување на недовербата кон нив. Поточно, утврдената постапка ги отвора институциите за јавноста, односно за сите заинтересирани стручни лица да се пријават да извршуваат високи раководни позиции. Ова ја зголемува конкуренцијата, а со тоа и квалитетот на раководните структури. Понатаму, постапката овозможува објективна проверка на компетенциите на кандидатите, така што ќе бидат земени предвид не само нивното формално образование и потребен работен стаж, туку и нивното познавање на областа и нивните реални способности да управуваат со луѓе и процеси, одлучуваат, делегираат и сл.
  • Второ, за прв пат се пропишува експлицитна обврска за давање ан детално образложение на одлуките за избор, со што значајно се намалува дискрецијата на Владата, се зајакнува нејзината отчетност пред граѓаните и се зајакнува правната сигурност на сите пријавени кандидати. Со објавувањето на образложенијата правиме исчекор кон враќање на кредибилноста на процесот. Токму ова сакаме да го видиме на долг рок –постапки кои и ние ќе ги оцениме како објективни, плус раководители кои ќе испорачуваат реформи, систем и институции во кои граѓаните имаат доверба.
  • Трето, законот конечно поставува рамка за следење на работата и успехот на високите раководители. За вработените во јавната администрација ваква обврска и систем за оценка на нивниот учинок постои подолг период, но не и за оние кои треба да ги водат, организираат и инспирираат. Слична обврска за министрите поставивме и со Деловникот за работа на Владата од декември 2024 год. чии измени ги поддржавме во рамки на проектот Преосмислување на управувањето. Согласно Деловникот тие имаат обврска за отчет за реализација на стратешките приоритети од Програмата за работа на Владата од областите за кои е надлежно министерството. Алката која недостасуваше во одговорноста за реализација на политиките, и уште поважно реформите, беа високите раководители, чија работа и успех со овој закон ќе се оценува според мерливи показатели.

На крајот, програмската координаторка потсети дека фокусот често се става на лицата кои ќе бидат поставени на овие позиции, а не и ефектот од оваа реформа. „За граѓаните надвор од оваа сала сега е интересен законот, но за месец, година и повеќе години нема да биде важно ни кој седи во институциите, туку какви резултати и реформи испорачува токму во нивен интерес, на граѓаните“.

Реформата на јавната администрација претставува еден клучен, континуиран процес, чија цел е да се подобри нејзиното работењето и функционирање и да ги подобри животот на граѓаните и деловната клима во земјата. Еден исклучително важен аспект на реформата на јавната администрација е подобрувањето на раководењето со институциите , што е предмет на овој закон.

Целокупната јавна расправа може да ја проследите на медиа каналот на Собранието на Република Северна Македонија https://www.sobranie.mk/media1.nspx

Изработката на законот и подзаконските акти е поддржана во рамки на проектот „Преосмислување на управувањето“ и во оваа денешна форма тој дефинитивно има потенцијал да биде столб на деполитизација и професионализација.

Проектот „Преосмислување на управувањето“ има за цел да го унапреди системот на креирање на политиките, преку подобра координација меѓу клучните институции во извршната власт односно т.н. Центар на Владата, а во насока на креирање на политиките на објективни докази и податоци, усовршување на стратешкото планирање како основа за работата на институциите, но и воспоставување одговорност и отчетност за испорака на резултати од политиките. Проектот е спроведен од Центарот за управување со промени (ЦУП), со поддршка од Владата на Обединетото Кралство преку Британската Амбасада во Скопј