Центарот за управување со промени ја одржа конференцијата за итните потреби и приоритети за унапредување на услугите во социјалната дејност и јавното здравство, на која беа претставени резултатите од истражувањето на јавното мислење за услугите во социјалната и здравствената дејност.
Пред присуство на Министрите за здравство и труд и социјална политика, Венко Филипче и Мила Царовска, претставници на институциите од системот на социјалната и здравствената заштита, луѓе од невладиниот сектор и голем број новинари, конференцијата ја отвори извршниот директор на ЦУП, Неда Малеска-Сачмароска, која накусо претстави некои од клучните поенти на истражувањето за здравствените и социјалните услуги.
“За жал, многу граѓани сметаат дека голем дел од овие политики мора да се модифицират, дека не се доволни и дека се потребни итни мерки. Интересен е податокот дека граѓаните најмногу се задоволни од квалитетот на градинките, но најмалку се задоволни од квалитетот на услугите што ги добиваат возрасните лица.” – изјави Малеска-Сачмароска.
Според анкетираните граѓани, во македонскиот социјален систем најитни се реформите кои се однесуваат на социјални услуги за лица со посебни потреби, како и во однос на социјалната парична помош.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска изјави дека следниот месец ќе почне расправата за новата рамка на социјална заштита, за развојот на услугите како палијативна грижа, персонална асистенција, но и зголемување на нивото на социјални трансфери што во моментов се ниски.
„Оние граѓани кои ќе добијат повисока сума до одреден лимит што е подостоинствен за живеење ќе бидат активирани. Тоа е најважната алка во ситемот на социјална заштита за да нема долгорочно користење на системот и овие граѓани да не се пасивизираат и исклучуваат од пазарот на труд“, додаде Царовска.
Министерот за здравство, Венко Филипче, го истакна значењето на оваа истражување, оценувајќи дека пациентите најдобро ги знаат проблемите со кои се соочуваат во здравствениот систем.
„Ние сме посветени на реформирање на сите нивоа на здравствената заштита, од примарната, секундарната и терциерната и сигурно врз основа на светските и европските искуства ставаме акцент на превенцијата, односно на подобрување на патронажните сервиси, со што сервисот ќе биде полесно достапен до граѓаните во нивните домови” , посочи Филипче.
Значењето на унапредувањето на социјалните и здравствените услуги го потенцираше и Чарлс Гарет, амбасадор на Велика Британија ,која финансиски го поддржа проектот “Следење на административната правда”, во рамките на кој беше изработено и истражувањето на јавното мислење.
“Стручноста на нашиот медицински персонал е одраз на нашите образовни системи и обуката. Културните вредности со кои се раководи нашето општество се одразуваат во начинот на кој системот ги третира различните луѓе. Дали сите луѓе, независно од потекло или попреченост, имаат еднаков третман? Ако сакате да видите како општеството ги третира своите маргинализирани групи, погледнете ја здравствената или социјалната заштита во тоа општество ” – истакна Гарет.
На конференцијата беа претставени и резултатите од истражувањето на јавното мислење за социјалните и здравствените услуги. Професорката на институтот за социјална работа и социјална политика, Светлана Трбојевиќ, ги претстави резултатите од истражувањето за состојбата во социјалната заштита додека новинарката Менче Атанасова Точи, говореше за најкритичните точки, идентификувани од граѓаните во областа на јавното здравство.
За препораките за надминување на регистрираните недостатоци и проблеми во овие сектори , се водеше и дебата во форма на работни групи, со учество на повеќе вработени во системот на социјалната и здравствената заштита.
Дата: 01.11.2024
Дата: 06.10.2024