Центарот за управување со промени – ЦУП и Зип Институтот, во рамките на заедничкиот проект насловен “Поголема партиципација – подобри политики и регулативи”, финансиран од програмата Цивика Мобилитас, ја одржа првата обука на тема „Креирање на политики темелени на докази (evidence-based policy making)“ врз основа на методологија на реномираната Националната владина школа (National School of Government) на Кралството на Велика Британија и Северна Ирска. Обуката беше испорачана од сертифицирани обучувачи од ЦУП обучени во наведената школа.
Програмата се состои од повеќе последователни активности, кои имаат за цел да ги екипираат претставниците на ГО со знаења и вештини клучни за да делуваат како надзорни тела и регулаторен индикатор во процесот на подготовка на политики и законски предлози преку користење на механизмите, методите и алатките на ex ante и ex post евалуација.
На самиот почеток, обуката беше насочена кон развивање на свеста за можноста за засилено влијание на граѓанските организации (ГО) во процесот на оценка (евалуација) на јавните политики и донесување на одлуки. За време на обуката учесниците практично ги опфатија фазите од процесот на креирање на политики и тоа: креирање визија за промени и решенија, анализа на политиките темелена на докази, дефинирање сценарија за политики, критериуми во донесувањето одлуки, справување со ризиците и методи и техники за оценка на политиките. Еден ден од обуката беше посветен на анализа на надворешните фактори: политичките, економските, социјалните, правните и технолошките влијанија врз соодветната студија на случај. Согласно тоа, учесниците размислуваа за можните ризици и стратегии за нивно надминување, генерираа опции и сценарија, воспоставија критериуми за донесување на одлуки, ги сортираа и оценија водечките опции.
Како резултат на заедничката работа произлегоа теми за избор на политики кои ги прикажуваат актуелните состојби на економските и политичките случувања во земјата.
Обуката ја спроведоа Неда Малеска Сачмароска и Наталија Шикова.
Дата: 01.11.2024
Дата: 06.10.2024