Овој прирачник е дел од проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“ кој има за цел да го поддржи зајакнување на женското претприемништво во Република Северна Македонија. Проектот спроведува активности за воспоставување на поодржливи и поотпорни деловни модели на женски бизниси, како и решенија и предлог мерки за ревидирање на постоечките владини програми кои што се насочени кон деловниот сектор, со цел да се олеснат економските последици кои произлегоа од кризата Ковид-19, со посебен фокус на поддршка на женското претприемништво.
Главната цел на проектот е да се идентификуваат последиците и предизвиците со кои се соочиле жените претприемачки во услови на Ковид и да се обезбеди целосна поддршка во надминување на овие последици, унапредување на постоечките бизнис практики, воведување на нова технологија и дигитализација на процесите и политиките на управување. Идејата е да се обезбедат долгорочни решенија за раст и развој на женските бизниси и да се пренесат добри практики кај oстанатите бизниси погодени од Ковид 19 кризата. За таа цел, во рамки на проектот идентификувани се девет претпријатија во сопственост на жени, со кои се работи на нивниот развој преку процес на осум месечно менторство од страна на експерти од повеќе области.
Прирачникот како активност следува по спроведените фокус групи со жени претприемачки и теренска посета и интервјуа со сопственички на претпријатија, кои беа селектирани во рамки на проектот, со цел да се дефинираат видот и потребите за развој, унапредување на продажбата и справување со предизвиците од Ковид-19 пандемијата.