Овој прирачник претставува средство кое треба да им послужи на читателите, поточно на студентите по новинарство, на невладините организации, како и на професионалните новинари, кои, со негова помош имаат можност да се запознаат со правните стандарди на слободата на изразување. Дополнително, прирачников треба да биде употребуван како алатка во рамки на обуките на студентите по новинарство и на младите новинари во нашата земја. Општо земено, иницијативата да се напише ваков прирачник поаѓа од потребата за обезбедување квалификувана средина за истражувачко новинарство заснована на универзално прифатени стандарди. Прирачников содржи концизен и сумиран осврт на досега утврдените правни стандарди и судската практика во заштитата на слободата на изразување, особено на Европско тло. Во него се вклучени главните меѓународни и домашни правни норми од оваа област, а посебно внимание е посветено на критериумите на Европската конвенција за човекови права.