Во овој труд е прикажан системот за стратешко планирање, но и на институционална рамка за создавање и имплементација, вклучувајќи финансирање, подготовка и управување со проекти, мониторинг и оценување. Имено, сите овие елементи мора да исполнуваат одредени критериуми со цел системот за стратешко планирање да биде целосен и функционален. Анализата на официјалните документи вклучува стратегии, закони и меѓународни извештаи. Дополнително, во склоп на оваа анализа земено беше предвид и истражувањето за анализата на постојните линии на отчетност и на стратешкото планирање во секторот на труд и социјална политика како и процедурата за негова изработка. Во рамките на тоа истражување беа направени разговори со сите инволвирани страни во процесите за негова изработка, како и одржани три еднодневни работилници со сите институции во тој сектор. Како структура, анализата подолу опфаќа идентификација на постојната состојба, предности и недостатоци на процесите на стратешко и оперативно планирање, како и препораки за адресирање на проблемите. Анализата на официјалните документи започнува од голем број документи што анализираат одредени фази од стратешкото планирање во Република Северна Македонија. Врз основа и на консултации со клучните засегнати страни, анализата се осврнува на неколку делови релевантни за стратешкото и оперативното планирање како секторскиот пристап, институционалната рамка, финансирањето и буџетот, управувањето и планирањето на проекти, како и нивното следење и евалуација. Во секој од овие делови се идентификувани и анализирани недостатоците во сегашниот систем и се дадени препораки за нивно подобрување. Содржината на документот е поделена на пет дела. Во првиот дел е анализирана стратешката рамка, во вториот дел е стратешкото планирање и секторскиот пристап, институционалната стратешка рамка е обработена во третиот дел, финансирањето и поврзаноста со буџетот е анализирана во четвртиот дел и во последниот дел е системот за мониторинг и евалуација на политики, програми и стратегии.