Реформата на јавната администрација претставува еден од клучните предуслови за приклучување кон Европската Унија (ЕУ). Покрај тоа, покажувањето на соодветни напори за успешно спроведување на реформите во оваа област е предуслов за отворање на преговорите. Имајќи го ова предвид, сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, презедоа иницијативи за подобрување на јавните услуги за граѓаните, како највидлив сегмент од реформата на јавната администрација, но, кои покажаа различни резултати. Оваа студија се обидува да ги идентификува најрелевантните примери на најдобри практики во однос на испораката на јавните услуги во Европа, како и релевантни примери во Северна Македонија, а врз основа на тие искуства да се дадат препораки за подобрување на квалитетот и достапноста на јавните услуги, како и за зголемување на задоволството на граѓаните од испораката на јавните услуги.