Кампањата: Ноември- месец на дискусии за јавните услуги успешно заврши | ЦУП
Сподели

Кампањата: Ноември- месец на дискусии за јавните услуги успешно заврши

Дата: 30.11.2020

Успешно ја завршивме кампањата „Ноември- месец на дискусии за јавните услуги“. Заедно со партнерските организации, спроведовме истражувања за јавните услуги на централно и локално ниво.  Целта на овие дискусии е да дадеме преглед на сите идентификувани проблеми пред носителите на одлуки и јавните институции, наоди, но и препораки од истражувачите за подобрување на испораката на услугите во повеќе одбрани општествени сфери. Препораките даваат основа за почетни чекори за подобрување на дел од анализираните услуги, а пред тоа и за отворање јавна дискусија за модернизација на услугите за граѓаните. Собранието има обврска да врши надзор на работата на јавните институции од функционален, финансиски и од аспект на реализација на зацртаните реформи, па оттука и на испораката на услугите кон корисниците, а основа за надзорните расправи можат да бидат податоците и информациите од граѓанските организации. Ваквата синергија претставува не само модерен начин на широко вклучување на граѓаните во креирање и следење политики, туку и заедничко засилено влијание за спроведување на реформи во корист на граѓаните.

 

Граѓаните имаат бројни проблеми при комуникацијата и добивањето услуги од институциите на секојдневно ниво. Иако се генерално задоволни од испораката на услугите од институциите на јавниот сектор, сепак во подлабок разговор и при подетална анализа, проблемите се присутни секаде, и на централно и на локално ниво, и се однесуваат на различни аспекти од услугите:

  • Информации за услугите кои не се целосни и го одолговлекуваат добивањето на услугата,
  • Квалитетот на услугата кој се одразува во квалитетот на документите, стручното постапување на службениците и почитувањето на пропишаната постапка,
  • Нетранспарентност во работата,
  • Човечки фактор, грешка,
  • Нееднаков третман на корисниците на услугите по различни основи,
  • Апсурдни недостатоци во системот и
  • Отсуство на слух за потребите на граѓаните.

 

Збирни препораки за подобрување на јавните услуги:

 

  • Подобрување на достапноста на информациите за услугите, но и на нивно усогласување на сите можни места на кои се достапни.
  • Објавување на сите услуги на единствената вебстраница предвидена како извор на информации за услугите за граѓаните – порталот www.uslugi.gov.mk и нивна дигитална испорака.
  • Јакнење на капацитетите на вработените кои работат на директна испорака на услугите за граѓаните, пред сè преку континуирани обуки.
  • Поголема дигитализација на постапките во јавниот сектор неминовно ќе го зголемат квалитетот на услугите поради тоа што ќе се исклучи дел од можноста за човечка грешка. Дигитализацијата еднакво ќе доведе и до поголема брзина и ефикасност во работата
  • Вклучување на граѓаните во дизајнот на услугите кои тие самите ги користат
  • Отворање на широки дебати во јавноста за проблемите со јавните услуги, кои би ги вклучиле корисниците и надлежните институции за заедно да изнајдат соодветни решенија, пред сè во интерес и корист на граѓаните.

 

Кампањата беше организирана во рамки на програмата: „Подобра испорака на јавните услуги за граѓаните со активна вклученост на Собранието“, поддржана од Европската Унија и програмата Цивика мобилитас, која има генерална цел да поттикне дебата во јавноста за подобрување на квалитетот на јавните услуги кои најчесто ги користат граѓаните.

 

Извештаите од истражувањата за јавните услуги спроведени од граѓанските организации можете да ги најдете на следниот линк:  https://bit.ly/3qqLJxS

 

 

ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.34а,
1000 Скопје, Северна Македонија

Тел: +389 2 6092 216
e-mail: info@cup.org.mk