Конференција - Агенда за проширување - достигнувања и предизвици во реформата на јавната администрација | ЦУП
Сподели

Конференција - Агенда за проширување - достигнувања и предизвици во реформата на јавната администрација

Дата: 29.10.2015

Извршниот директор на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска имаше обраќање на панел сесијата ,,Реформа на јавната администрација – Заложби за квалитетно, транспарентно и ефективно демократско владеење во 21 век", што се одржа во рамки на конференцијата „Агенда за проширување –достигнувања и предизвици во реформата на јавната администрација“ на која учествуваа претставници од Европскиот парламент/Европската комисија; СИГМА;претставници на македонските државни институции, пратеници од Собранието на Република Македонија, како и претставници од академската заедница, граѓанското општество и реалниот сектор, организирана од Прогрес - Институт за социјална демократија, Фондацијата Фридрих Еберт – Канцеларија во Скопје и Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

 

“Ако јавната администрација е интегрален процес преку кој владата ги администрира своите политики и ги трансформира во акции и услуги тогаш е јасно зошто дебатите за реформите на јавната админстрација и за нејзината модернизација стануваат важен инструмент за имплементација на ефективни политики”, истакна Малеска. Од тука, според неа, важноста на институциите да му служат на колективниот интерес, да градат подобра иднина, да постигнат резултати и јавна вредност треба да е главниот императив на  јавната администрација. Таа истакна и дел од постигнувањата во јавната администрација на кој Центарот за управување со промени работеше во изминатите години, со поддршка на Британската Амбасада, особено во делот на унапредување на процесите на стратешко планирање и креирање политики, проценка на влијанието на регулативите (РИА), Стандарди за раководење и управување во јавната администрација како добри практики, воведување на систем на компетенции, воведување на европски стандарди за самопроцена на капацитетот на институциите (CAF), зајакнување на капацитетите на администрацијата преку обуки, менторство, консултации  итн.

„За жал, политичката криза во Република Македонија со која се соочуваме покажа дека 24 години подоцна не успеавме да произведеме професионална администрација надвор од влијанија на политичките структури. Се создава огромна администрација во начелото на клиентелизам за по избори да се подмират со политички лојалисти. Тоа од своја страна создава проблеми во функционирањето на државата каде што вработените работаат за доброто на партијата, а не за доброто на државата„ Ваквите состојби од своја страна ја еродираат довербата на граѓаните, не обезбедуваат фер третман за сите и се во целосна колизија со принципите на праведност и еднакви можности. Другите слабости во функционирањето на администрацијата се слабата транспарентност на институциите, отчетноста, затвореност за соработка и слаба отчетност и контрола врз јавните финансии, истакна Малеска. Оттука неколку клучни предизвици за кој треба да се говори во иднина е да градиме администрација според принципот на  заслуги („мерит“) која ќе излезе од тесната рамка на своите организации со ре-формулирање на прашањата - Што јас можам да направам во интерес на колективното добро и во интерес на државата и за идните генерации од позицијата на која сум и онолку колку што можам?; Контрола на власта преку засилување на отчетноста на институциите особено во делот на јавните финансии наспрема резултатите и постигнувањата. Воспоставување на механизам за задолжителна евалуација на јавните политики за кои се трошат најмногу средства и целосна промена на фокусот на јавната администрација- од следење на резултатите на институциите во следење и подобрување на резултатите на целокупниот општествен систем – економските и социјалните перформанси на општеството, квалитетот на живот, задоволството на граѓаните од животот во државата.

За да се надминат сегашните состојби и да се изгради професионална администрација која ќе може да говори за сложени прашања како што се реформи во даночниот систем, реформи во пензискиот систем, реформите во образовниот систем и други комплексни мултидисциплинарни прашања, тогаш треба да се обезбеди конкурентност и професионализација и да искрена посветеност на овие прашања. Предусловите за ефективна администрација е демократија во која институциите  транспарентните и отворени институции им стојат на  располагање на граѓаните.

ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.34а,
1000 Скопје, Северна Македонија

Тел: +389 2 6092 216
e-mail: info@cup.org.mk