МИОА ја објави публикацијата за најчестите прашања и одговори за примена на законот за општата управна постапка | ЦУП
Сподели

МИОА ја објави публикацијата за најчестите прашања и одговори за примена на законот за општата управна постапка

Дата: 23.11.2017

Министерството за информатичко општество и администрација ја објави публикацијата за најчестите практични прашања и одговори за примена на законот за општата управна постапка. Станува збор за документ кој е подготвен со поддршка на мисијата на СИГМА а го уреди извршниот директор на Центарот за управување со промени, Неда Малеска – Сачмароска.

На публикацијата работеа и адвокатот и експерт по уставно право,  Жарко Хаџи – Зафиров и државниот советник во МИОА, Југослав Ѓеоргиевски.

Публикацијата ги претставува новините воведени со законот за општа управна постапка од 2015-та година, како и неговите начела.

Истовремено, преку неколку студии на можни случаи, објаснето е како во пракса ќе се применуваат  и какви последици ќе имаат одредбите на овој закон. 

Законот содржи повеќе значајни новини во општата управна постапка. 

Како најзначајни може да се издвојат минимизирање на бројот на посебни управни постапки, воведување многу поширок концепт за управно дејство и обезбедување поефикасни, поедноставни и побрзи управни постапки

Истовремено, ЗОУП ги утврдува правните услови за развој и примена на информатичката комуникација меѓу јавната администрација и граѓаните како и главните процедурални аспекти на пристапот за единствена точка за контакт, т.е едношалтерскиот систем. 

Законот предвидува и дека управниот орган ќе треба да ја известува странката за нејзините права и обврски, односно се предвидува право на добивање совет и информации. 

Одредбата за истражување на фактите по службена должност утврдува дека странката во управната постапка не е обврзана да поднесува документи или да прибавува информации кои се чуваат во службена евиденција и регистрите. 

Новиот закон за општа управна постапка ќе овозможи подобро делегирање на надлежноста за донесување решенија во рамки на одреден управен орган, при што ќе се надмине еден од клучните проблеми на управната практика во Македонија, кога речиси сите решенија се донесуваат на највисоко ниво во управниот орган (министер, државен секретар, директор, итн).

Со новиот ЗОУП се промовира и пристапот на граѓаните до јавните услуги како и заштитата на правата на граѓаните во однос на давателот на услугите. 

Овој закон содржи и одредби со кои се ограничуваат овластувањата на управните органи да носат решенија по слободна оцена , односно законски  се ограничува дискреционото право. 

ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.34а,
1000 Скопје, Северна Македонија

Тел: +389 2 6092 216
e-mail: info@cup.org.mk