Центарот за управување со промени, во рамките на проектот финансиран од Европската Унија, а во соработка со Институтот за човекови права, на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ќе одржи обука на тема “Истражувачкото новинарство – чувар на демократијата и човековите права”. Обуката ќе се одржи на 10 и 11 мај 2016 г. (вторник и среда) со почеток во 10:00 часот, а нејзината цел е да се зголемат капацитетите на студентите по новинарство и младите новинари и да ги развијат своите вештини и знаења во врска со истражувачкото новинарство.
Ова е трета од трите планирани обуки. Претходните две обуки веќе се одржаа на државните универзитети УКИМ, Скопје и на ДУТ од Тетово. Обуката ќе се состои од бројни предавања од страна на искусни новинари кои се занимаваат со истражувачко новинарство и правни експерти кои ќе ја третираат областа на слободата на медиумите и слободата на изразувањето. Студентите од сите академски години ќе бидат изложени на различни погледи и искуства, теоретско знаење, како и практична примена на истражувачкото новинарство како моќно оружје за заштита на демократијата и човековите права.
Проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ е проект финансиран од Европската Унија и се имплементира од страна на Центарот за управување со промени во соработка со Институтот за човекови права. Тој придонесува кон зајакнување на граѓанските организации кои делуваат во областа на слободата на изразување и медиумите и го подобрува нивното влијание врз процесот на креирање политики во однос на слободата на медиумите, ја подобрува соработката меѓу нив, како и го поддржува медиумскиот интегритет и ја зголемува професионалноста на новинарите и медиумски организации. Целта е насочена кон исполнување на стандардите и критериумите за членство во ЕУ, а релевантноста на проектот се обезбедува на мноштво начини. Тие опфаќаат воспоставување платформа на граѓански организации која активно ќе ги поттикне и промовира истражувачкото новинарство во областа на човековите права и правосудството (Глава 23 и 24) како и градење капацитети, развој на професионалните стандарди и етика со поддршка и соработка на медиумите: телевизија Телма, неделникот Фокус и веб порталот Novatv.mk, како соработници на проектот.
Дата: 01.11.2024
Дата: 06.10.2024