Дигитализација на процесот на евиденција на невработените лица во Агенцијата за вработување | ЦУП
Сподели

Дигитализација на процесот на евиденција на невработените лица во Агенцијата за вработување

Подносител на иницијативата: Весна Радиновска, Национален младински совет на Македонија

Опис на проблемот

Во согласност со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност „невработено лице е лице кое не е вработено, активно бара работа и ги исполнува условите предвидени со овој закон“. Според истиот закон, невработеното лице е должно лично да се јавува во Агенцијата на секои 30 дена и да докаже дека активно барало работа во последниот месец. Невработеното лице се воведува во евиденцијата на невработените лица во Центарот за вработување на чие подрачје има постојано место на живеење. Тоа претставува голем проблем за невработените затоа што ги изложува на значителни трошоци на време и парични средства и дополнително, во време на пандемија, може да биде и опасно по здравјето и за невработените, но и за вработените во АВРСМ. Дополнително, доколку настапи неможност за завршување на обврската за пријавување во определениот рок, лицето ги губи сите права во случај на невработеност и нема право да се пријави во Агенцијата една година потоа.

Предлог - решение

За да се олесни процесот на евиденција на невработените лица, како и пристапот до правата во случај на невработеност, треба да се дигитализира постапката. Потребно е прво да се додаде услугата „Евидентирање на невработено лице“ на порталот uslugi.gov.mk. Ова ќе им овозможи на невработените лица лесно да добијат пристап до информации за потребните документи, рокови, услови и надлежни институции за нивното евидентирање како невработени. Потоа, требa да се воведе можност за електронско пријавување на невработените лица. Со оглед на тоа што Агенцијата за вработување веќе располага со информации за лицата кои се пријавени во задолжителното социјално осигурување, не би можело лицата кои се вработени да се евидентираат како невработени и да користат права во случај на невработеност и шансите за злоупотреба на оваа можност се минимални. Повторно, во насока на намалување на шансите за изигрување на системот, за оние кои се пријавуваат електронски, може да се воведе следење на времето кое го поминале најавени на нивниот профил на електронскиот систем на Агенцијата за вработување во ажурирање на својата кратка биографија, следење на активните огласи и комуникација со огласувачите. Доколку ова време е под минимумот што би се утврдил, лицето може да се избрише од евиденцијата на невработени.

Сподели:




За акција

Други иницијативи

Алатката за поднесување и поддржување иницијативи е финансирана од Европската Унија и програмата „Цивика Мобилитас“.

ул.Митрополит Теодосиј Гологанов бр.34а,
1000 Скопје, Северна Македонија

Тел: +389 2 6092 216
e-mail: info@cup.org.mk