Националниот здравствен систем во нашата држава во најголем дел (80-90 проценти) се заснова на солидарниот систем кој постоеше и пред осамостојувањето и е финансиран од придонесите за здравствено осигурување на вработените, со дополнителни измени во текот на овие 26 години постоење на самостојна Македонија. Вкупно 7,8 проценти од брутоплатата на осигурениците одат во Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). Доколку не ги употреби осигуреникот, секако, нема поврат на овој дел од придонесите бидејќи неговите 7,8 проценти од платата се слеваат во целокупниот фонд и се користат за лекување на оние на кои им е потребно лекување во тој момент. Со позитивни политики и реформски зафати ќе има и позитивни промени, а со тоа ќе се намалат проблемите во сите сегменти на здравството. Треба да се направат национална стратегијата и реформи кои ќе овозможат Македонија да се приближи до европското здравство, како и да го модернизира и унапреди. На ваков начин јавното здравство ќе успее да обезбеди квалитетни услуги од кои ќе бидат задоволни и пациентите и лекарите.