Стандардите за управување со човечки ресурси се збир од добри практики произлезени од раководењето со најдрагоцениот капитал со кој располагаат организациите – луѓето и нивниот потенцијал. Овие практики отсликуваат долгогодишни истражувања, знаења, светски, но и домашни искуства, и се решенија едноставно применливи во разнолики, динамични работни средини. Нивна цел е, најнапред, да ја унапредат работата на одделенијата за човечки ресурси во администрацијата, а понатаму, да придонесат за етаблирање ефективен систем за управување со човечките ресурси. Стандардите за управување со човечки ресурси се покажаа како исклучително корисна алатка во работењето на одделенијата за човечки ресурси во администрацијата на Република Македонија. Освен во административниот, тие применета вредност најдоа и пошироко, во други општествени сектори. Едноставни, разбирливи и лесно применливи, Стандардите за управување со човечки ресурси, стимулираат напредок и професионално усовршување на вработените во секоја организација. Со нивна примена не се зголемува само квалитетот на работната изведба, ефективноста на работната организација, туку и работната посветеност и квалитетот на работниот живот воопшто. Ова ревидирано издание доаѓа како резултат на потребата од унапредување на прифатените Стандарди за управување со човечки ресурси и нивно прилагодување во однос на согледувањата кои во изминатиов период се појавија при нивната употреба. Заложбите, од кои произлегува и оваа ревидирана верзија на Стандардите за управување со човечки ресурси, и понатаму остануваат исти – посветеност кон ефикасна, професионална, одговорна и сервисно-ориентирана администрација.