Искра Белчева-Ристовска, проектен менаџер во Центарот за управување со промени, ги презентираше денеска резултатите и постигнувањата на проектот “Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права”, во рамките на 13-тата меѓународна конференција е-Општество.мк “Слобода и приватност”.
Пред присутните учесници , гости и претставници на медиумите, Белчева –Ристовска, подвлече дека главната цел на проектот, кој е во завршна фаза, е да ги зајакне граѓанските организации и медиумите во реалното остварување на правото на слободата на изразување, преку поддршката на истражувачкото новинарство.
Според, Искра Белчева – Ристовска, проектот има повеќе достигнувања и фокусот бил на неколку таргет групи:
“За мене, најважната група беа студентите, со кои имавме и најмногу ангажман. Имавме цела серија обуки кои се спроведоа со студентите на Универзитетите во Скопје, Штип и Тетово а ги посетија над 150 студенти. Организиравме и летна школа за истражувачко новинарство. Дел од студентите посетуваа и пракса во медиумите – соработници во проектот, но можеби најважен резултат е дека некои од студентите и се вработија во овие медиуми ” – изјави Белчева-Ристовска.
Таа ја претстави и платформата за соработка меѓу граѓанските организации и медиумите, која е поддржана и со веб-сајтот истражифакти.мк, каде се објавени и сите истражувачки стории изработени во проектот но и останатите релевантни анализи и документи.
Искра Белчева – Ристовска учествуваше во втората сесија од конференцијата е-Општество.мк на темата: ”Слобода на изразување и медиуми –правни и институционални рамки”, заедно со Цветан Станоески од комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Иван Брешковски од ЗНМ и Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми.
Дата: 26.08.2024
Дата: 26.04.2024