Структури и функции на ЕУ | ЦУП

Структури и функции на ЕУ

Сподели
2 дена
8 сесии
12 часа
10-15 учесници

За програмата

Сеопфатниот процес на пристапување кон ЕУ бара активна вклученост на сите граѓани на државата. Иако институциите се тие кои ги спроведуваат реформите и го менуваат законодавството, некои аспекти од животот на сите граѓани ќе бидат изменети поради промените во сите сфери како последица на пристапниот процес. Оттука сите граѓани треба да имаат основно познавање за тоа што претставува Европската Унија и како работи. Оваа обука ќе им овозможи на учесниците да ги препознаваат институциите на ЕУ, да ја разберат на основно ниво нивната поставеност и надлежностите, како и да им се разјасни односот меѓу ЕУ и земјите членки и односот кон РСМ во процесот на пристапување. 

Целта на програмата е различни целни групи во општеството да се запознаат со работата и надлежностите на ЕУ, односно програмата се адаптира според најрелевантните аспекти за целната група. Еднакво, запознавањето со политиките на ЕУ ќе се осврне во повеќе детали токму на политиките кои се од најголем интерес на целната група.

Придонес кон развојот на знаења, вештини и способности

На крајот на обуката учесниците:

  • Ќе ги препознаваат институциите на ЕУ и нивните надлежности
  • Ќе ја разберат поделбата на одговорност на национално и наднационално ниво
  • Ќе стекнат познавање за политиките на ЕУ
  • Ќе го разберат подобро процесот на пристапување
  • Ќе се запознаат со постапките на носење одлуки во ЕУ

Содржина на програмата

  • Основни институции на ЕУ
  • Носење одлуки – најчестите процедури
  • Правни акти на ЕУ и нивна важност
  • Политики на ЕУ и надлежност за нивно регулирање
  • Степени на интеграција
  • Финансиски инструменти
  • Проширување на ЕУ

Координатор на програмата

Искра Белчева - Ристовска

Искра Белчева-Ристовска е искусен обучувач, проектен менаџер и експерт за институционален развој со повеќе од 20 години професионално искуство во областа на европската интеграција, управувањето со ЕУ фондови и проекти, реформата на јавната администрација и организацискиот развој. Располага со практично искуство во управување и имплементација на програми и договори финансирани од ЕУ/ ИПА, комбинирајќи го познавањето на процедурите на ЕУ со темелно разбирање на институционалните системи во Македонија.

Во текот на десетгодишниот ангажман во Министерството за финансии, во рамките на Секторото за склучување договори од ИПА (ЦФЦД), била одговорна за воспоставување и одржување на системите за управување и контрола на ЕУ фондовите, зајакнување на капацитетите на ИПА оперативните структури и развој на процедури. Има искуство како пртеседавач со бројни комисии за евалуација на понуди за договори за услуги, стоки, рамковни договори, грантови и твининг. Нејзиниот последователен консултантски и проектен ангажман го проширува нејзината експертиза на целиот проектен циклус – од развој и подготовка на проекти до имплементација, мониторинг, известување и евалуација.

Како обучувач, има развиено и спроведено бројни програми за градење на капацитетите на јавните институции, ИПА структурите, општините и граѓанското општество. Нејзините области на обучување опфаќаат управување со проектниот циклус на ЕУ, механизмите за финансирање од ЕУ, развој и подготовка на проектни предлози, ПРАГ процедури, јавни набавки и евалуација, управување со грант-договори, финансиски и оперативни процедури и системи за внатрешна контрола. Има искуство и во развој на наставни програми, прирачници и прилагодени материјали за обука за институции во Северна Македонија и Турција.

Нејзината експертиза во организацискиот развој опфаќа функционални анализи, институционална организација, стратешко планирање, управување со човечки ресурси, управување со учинокот и развој на внатрешни процедури. Таа е автор на Методологијата за функционална анализа на институциите од јавниот сектор во Северна Македонија, која ја има применето во бројни институции на централно и локално ниво.

Магистрирала европско и компаративно право (LLM) на Универзитетот во Гент, Белгија. Нејзиниот пристап кон обучувањето ги поврзува регулаторните и методолошките знаења со практични примери, студии на случај и вежби, овозможувајќи им на учесниците да стекнат применливи знаења и алатки за нивното секојдневно професионално работење.

Контактирајте не преку овој формулар