Алатки за застапување (сет на алатки - outreach toolkit) базирано на докази | ЦУП

Алатки за застапување (сет на алатки - outreach toolkit) базирано на докази

Сподели
2 дена
8 сесии
18 часа
5-10 учесници

За програмата

Обуката има за цел да ја подигне свеста за важноста на истражувањата, податоците и доказите за аргументирана дискусија и застапување пред носителите на одлуки. Обуката е пред се наменета за истражувачи од академскиот и граѓанскиот сектор, кои собираат податоци, анализираат, имаат структурирани наоди и заклучоци, а им недостасува последната алка на застапување на аргументите пред институциите.

Оваа програма е структурирана врз основа на Сетот на алатки за застапување подготвен од ЦУП, кои се насочени на застапување пред извршните и законодавните органи, како и пред партиите кои претендираат да учествуваат во работата на овие институции. Алатките се практично применливи за повеќето јавни политики.

Придонес кон развојот на знаења, вештини и способности

На крајот на обуката учесниците:

  • Ќе ги разберат клучните карактеристики на застапувањето базирано на докази
  • Ќе знаат како да ги претстават прибраните податоци како докази за своите аргументи на јасен и недвосмислен начин
  • Ќе комуницираат со претставниците на институциите на ефективен начин
  • Ќе имаат вештина на користење на алатките кои се дел од сетот на алатки
  • Ќе ги идентификуваат предизвиците уште пред да почнат со активностите за застапување

Содржина на програмата

  • Концепт на застапување базирано на докази
  • Приоритизирање на податоците и прилагодување на контекстот
  • Идентификување и пристап до носителите на одлуки
  • Идентификување на ризиците во комуникацијата и застапувањето
  • Сет на алатки и услови во кои се користат
  • Практични вежби за користење на алатките

Обучувач

Искра Белчева - Ристовска

Искра Белчева-Ристовска е искусен обучувач, проектен менаџер и експерт за институционален развој со повеќе од 20 години професионално искуство во областа на европската интеграција, управувањето со ЕУ фондови и проекти, реформата на јавната администрација и организацискиот развој. Располага со практично искуство во управување и имплементација на програми и договори финансирани од ЕУ/ ИПА, комбинирајќи го познавањето на процедурите на ЕУ со темелно разбирање на институционалните системи во Македонија.

Во текот на десетгодишниот ангажман во Министерството за финансии, во рамките на Секторото за склучување договори од ИПА (ЦФЦД), била одговорна за воспоставување и одржување на системите за управување и контрола на ЕУ фондовите, зајакнување на капацитетите на ИПА оперативните структури и развој на процедури. Има искуство како пртеседавач со бројни комисии за евалуација на понуди за договори за услуги, стоки, рамковни договори, грантови и твининг. Нејзиниот последователен консултантски и проектен ангажман го проширува нејзината експертиза на целиот проектен циклус – од развој и подготовка на проекти до имплементација, мониторинг, известување и евалуација.

Како обучувач, има развиено и спроведено бројни програми за градење на капацитетите на јавните институции, ИПА структурите, општините и граѓанското општество. Нејзините области на обучување опфаќаат управување со проектниот циклус на ЕУ, механизмите за финансирање од ЕУ, развој и подготовка на проектни предлози, ПРАГ процедури, јавни набавки и евалуација, управување со грант-договори, финансиски и оперативни процедури и системи за внатрешна контрола. Има искуство и во развој на наставни програми, прирачници и прилагодени материјали за обука за институции во Северна Македонија и Турција.

Нејзината експертиза во организацискиот развој опфаќа функционални анализи, институционална организација, стратешко планирање, управување со човечки ресурси, управување со учинокот и развој на внатрешни процедури. Таа е автор на Методологијата за функционална анализа на институциите од јавниот сектор во Северна Македонија, која ја има применето во бројни институции на централно и локално ниво.

Магистрирала европско и компаративно право (LLM) на Универзитетот во Гент, Белгија. Нејзиниот пристап кон обучувањето ги поврзува регулаторните и методолошките знаења со практични примери, студии на случај и вежби, овозможувајќи им на учесниците да стекнат применливи знаења и алатки за нивното секојдневно професионално работење.

Контактирајте не преку овој формулар