Подготовка на документи за политики | ЦУП

Подготовка на документи за политики

Сподели
2 дена
8 сесии
18 часа
5-10 учесници

За програмата

Програмата има за цел да ги зајакне вештините за подготовка на документи за политики на сите истражувачи. Ова се специфични документи кои не се исто што и опсежните истражувања и анализи кои стручњаците ги спроведуваат, туку се покуси прикази на наодите и заклучоците од спроведените истражувања, со најголем акцент на препораките за измени на политиките. Обуката ќе им помогне на учесниците преку практична работа да ги поминат чекорите на подготовка на документи за политики, односно практично ќе ги води низ процесот кој се стреми да резултира со промена на политиките според изложените аргументи.

Придонес кон развојот на знаења, вештини и способности

На крајот на обуката учесниците:

  • Ќе ја препознаат вредноста на добро подготвените документи за политики за успешно запознавање на јавноста со нивните истражувања, податоци и препораки
  • Ќе умеат да ги претстават податоците и доказите од истражувањата на јасен и недвосмислен начин
  • Ќе се запознаат со препорачаната струтура на овие документи
  • Ќе стекнат вештини за користење на алатките за претставување опции
  • Ќе научат кои се клучните елементи кои треба да ги содржат документите
  • Ќе направат нацрт за документ за политика од својата област на делување со поддршка на обучувачите (структура и клучни поенти)

Содржина на програмата

  • Што е документ за политика и која е неговата цел
  • Структура на документите и задолжителни елементи
  • Алатки за претставување опции (SWOT, PEST..)
  • Опции за визуелно претставување на податоците
  • Практични вежби
  • Вежба за подготовка на нацрт документ (само клучни поенти) Интеркултурно учење
  • Опција за објавување и дистрибуирање на кратка верзија на документот (policy brief)

Координатор на програмата

Искра Белчева - Ристовска

Искра Белчева-Ристовска е искусен обучувач, проектен менаџер и експерт за институционален развој со повеќе од 20 години професионално искуство во областа на европската интеграција, управувањето со ЕУ фондови и проекти, реформата на јавната администрација и организацискиот развој. Располага со практично искуство во управување и имплементација на програми и договори финансирани од ЕУ/ ИПА, комбинирајќи го познавањето на процедурите на ЕУ со темелно разбирање на институционалните системи во Македонија.

Во текот на десетгодишниот ангажман во Министерството за финансии, во рамките на Секторото за склучување договори од ИПА (ЦФЦД), била одговорна за воспоставување и одржување на системите за управување и контрола на ЕУ фондовите, зајакнување на капацитетите на ИПА оперативните структури и развој на процедури. Има искуство како пртеседавач со бројни комисии за евалуација на понуди за договори за услуги, стоки, рамковни договори, грантови и твининг. Нејзиниот последователен консултантски и проектен ангажман го проширува нејзината експертиза на целиот проектен циклус – од развој и подготовка на проекти до имплементација, мониторинг, известување и евалуација.

Како обучувач, има развиено и спроведено бројни програми за градење на капацитетите на јавните институции, ИПА структурите, општините и граѓанското општество. Нејзините области на обучување опфаќаат управување со проектниот циклус на ЕУ, механизмите за финансирање од ЕУ, развој и подготовка на проектни предлози, ПРАГ процедури, јавни набавки и евалуација, управување со грант-договори, финансиски и оперативни процедури и системи за внатрешна контрола. Има искуство и во развој на наставни програми, прирачници и прилагодени материјали за обука за институции во Северна Македонија и Турција.

Нејзината експертиза во организацискиот развој опфаќа функционални анализи, институционална организација, стратешко планирање, управување со човечки ресурси, управување со учинокот и развој на внатрешни процедури. Таа е автор на Методологијата за функционална анализа на институциите од јавниот сектор во Северна Македонија, која ја има применето во бројни институции на централно и локално ниво.

Магистрирала европско и компаративно право (LLM) на Универзитетот во Гент, Белгија. Нејзиниот пристап кон обучувањето ги поврзува регулаторните и методолошките знаења со практични примери, студии на случај и вежби, овозможувајќи им на учесниците да стекнат применливи знаења и алатки за нивното секојдневно професионално работење.

Контактирајте не преку овој формулар